Битиќи – Џанг Ѕуо: Има многу можности за унапредување на економската соработка со Кина

пред 3 години

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо, со кого разговараа за досегашната економска соработка помеѓу двете земји, како и за можности за унапредување на истата.

„Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Ѕуо, констатираа дека економската соработка помеѓу земјите, дури и во услови на светската пандемија предизвикана од коронавирусот Ковид 19, има тенденција на пораст, а тоа се отсликува со зголемување на трговската размена од 6%, како и зголемување на извозот од нашата земја кон Кина, за 11,7%, во периодот јануари-септември 2020 година, во однос на истиот период лани. Битиќи посочи дека позитивните стапки на раст на трговската размена се добар податок, а додаде дека Кина е една од најголемите светски економиии и дека има многу можности да се унапреди економската соработка“, соопштија од Кабинетот на Битиќи.

Вицепремиерот посочил дека близината на Република Северна Македонија до земјите на ЕУ, како и одличната инвестициска клима во земјата, се одлична можност за реализација на инвестиции на кинески компании, особено во производството, со што значително би се подигнала конкурентноста на производите, поради близината на нашата земја до ЕУ и можноста производите брзо да бидат доставени до крајните дестинации во земјите од ЕУ.

Воедно, Битиќи додал дека има можности за инвестиции во веќе постоечки компании, со цел да се искористи кинеското искуство во развој на технологиите и знаењата, за да се прошират нивните производни процеси и да се влијае на освојување на нови пазари. Тој рекол дека соработката во земјоделството е уште една можност за двете земји, особено во преработувачката индустрија.

Share
Scroll to Top