Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на панелот “Engineering the Infrastructure of Energy Security” во рамки на Del-phi Economic Forum, каде заедно со високи владини претставници и лидери од енергетскиот сектор се дискутираше за иднината на енергетската безбедност во регионот.
Во своето обраќање, министерката Божиновска нагласи дека земјата влегува во нова фаза на енергетско позиционирање.
„Денес, ние свесно се позиционираме како регионален енергетски јазол што ги поврзува пазарите, изворите и партнерите“, рече Божиновска.
Таа ја претстави стратегијата базирана на три клучни столба: интерконекторот со Грција, како директен пристап до алтернативни извори на гас и LNG терминали, соработката со Србија, која отвора северен коридор и овозможува двонасочен проток и партнерството со САД преку LNG иницијативата, со што се зајакнува енергетската независност.
„Енергетската политика без инфраструктура останува само декларација. Со изградбата на овие коридори ја намалуваме ранливоста, создаваме поконкурентни цени и се позиционираме како транзитна земја што додава вредност“, рече Божиновска.
Министерката потенцираше дека новата улога на земјата не е само транзитна, туку стабилизирачка за поширокиот регион.
„Не сакаме да бидеме периферен пазар – туку сигурен партнер во европската енергетска мрежа“, рече таа.
Во однос на енергетската транзиција, Божиновска истакна дека пристапот на државата е прагматичен и насочен кон сигурност:
„Нема енергетска транзиција без сигурност – и нема сигурност без диверзификација. Географијата сама по себе не е предност ако не се претвори во политика. Нашата цел е да станеме фактор на стабилност на регионалниот пазар на електрична енергија. Со зајакнувањето на јужните и северните енергетски коридори, Северна Македонија се позиционира како активен учесник во стабилизирањето на енергетските текови во регионот“.
Клучната порака која Божиновска ја испрати од Делфи е јасна:
„Градиме енергетски систем кој е диверзифициран, поврзан и стратешки релевантен – со улога што ќе го дефинира нашето место во Европа во децениите што следат“.
Текстот Божиновска на Делфи форумот: Земјата влегува во нова фаза на енергетско позиционирање е превземен од МАКФАКС.





