Бочварски: Социјалните станови во Демир Капија ќе бидат готови до крајот на 2021

пред 3 години

И покрај ковид-кризата градежните активности за изградбата на социјалните станови во Демир Капија се одвиваат континуирано без никаков прекин и очекуваме да завршат за околу 10 до 11 месеци, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката-Скопје, Кристијан Трајковски, и градоначалникот на општина Демир Капија, Лазар Петров, изврши увид во изградбата на социјална станбена зграда во Демир Капија.

Социјалната зграда во општина Демир Капија е со површина од околу 1000 метри квадратни и се состои од 16 станбени единици наменети за социјално ранливите категории на граѓани.

„Граѓаните се наш врвен приоритет. Владата продолжува одговорно и посветено да работи, да ги поддржува, помага и да се грижи за сите граѓани со цел да им обезбеди подобар и поквалитетен живот. Само во моментов градиме вкупно 579 социјални станови низ повеќе општини во државата, со што ќе обезбедиме кров над глава и пристоен дом за социјално најранливите категории на граѓани. За следната година, во буџетот на Министерството за транспорт и врски предвидени се преку 130 милиони денари за изградба на социјални станови“ рече Бочварски.

Директорот на АДСДП, Кристијан Трајковски, истакна дека во тек се постапки за изградба на нови социјални згради во неколку општини, а во текот на следната недела се очекува да се потпишат договорите со изведувачи за изградба на социјалните згради во Сарај и Кочани.

„Продолжуваме со изградба на нови социјални станови во неколку општини. Очекувам во наредниве неколку дена да склучиме Договор со Изведувач за изградба на социјална зграда во општина Сарај, а исто така и во општина Кочани. Во тек се постапките за изградба и на социјални станови во Пехчево и Дебар, со што очекувам до крајот на оваа година да ги завршиме сите предвидени постапки и до почетокот на следната година веќе да имаме комплетирање на целокупниот проект“, изјави Трајковски.

Share
Scroll to Top