Буџетот е стабилен, засега не се планира зголемување на дефицитот, вели Мицкоски

Буџетот е стабилен, засега не се планира зголемување на дефицитот, вели Мицкоски

пред 4 часа

И покрај економските предизвици и мерките за ублажување на кризата, Владата засега не планира зголемување на буџетскиот дефицит. Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција истакна дека приходите во првиот квартал се во рамките на планираното, а фискалната политика останува насочена кон консолидација.

Тој појасни дека буџетскиот дефицит во моментов е проектиран на 3,5 проценти од бруто-домашниот производ (БДП), што е значително подобрување во однос на претходните 4,5 проценти. Дали ќе има потреба од негово мало проширување во иднина, ќе зависи исклучиво од глобалните економски текови во вториот квартал.

„Ние како Влада почнавме со консолидирање на буџетскиот дефицит од нешто над 4,5 проценти и сега дојдовме до 3,5 проценти од БДП. Како ќе биде понатаму, ќе повторам, не знам. Зависи од целокупната состојба глобално. Можеби ќе треба да се зголеми малку буџетскиот дефицит за 0,2 или 0,3 проценти, а можеби и ќе нема потреба. Ако кај нас се тргнат од буџетскиот дефицит трошоците за камати, тогаш ние имаме навистина една стабилна ситуација и тоа наскоро ќе биде, претпоставувам, интересна вест за за медиумите. Можеби ќе бидеме единствената држава во регионот со стабилни изгледи на економијата, за разлика од други економии кои што дел од агенциите веќе им предвидуваат негативни негативен тренд“, кажа Мицкоски.

Во однос на евентуалните потреби за покривање на дефицитот, премиерот подвлече дека ќе се донесе одлука која ќе биде најдобра за земјата и дека сите опции се на маса. Тој не ја исклучи можноста задолжувањето да биде кај домашните банки, кај меѓународните финансиски институции или преку кредити од држава за држава.

„Портфолиото е мешано, ќе зависи од условите на пазарот, а секако дека ќе ги земеме најевтино. Ако се прошири буџетскиот дефицит тогаш да ќе бараме пари за да го покриеме. Во разговори сме со македонските банки, но и во разговори со нашите партнери на меѓународната заедница, ние имаме опции од каде да ги обезбедиме тие пари и под поволни услови, Затоа неслучајно го кажав тоа дека некои држави во регионот веќе имаат негативни изгледи во нивниот кредитен рејтинг од страна на некои од агенциите, додека кај нас е стабилен или позитивен, во зависност со која агенција го дава кредитниот рејтинг. Е сега, верувале или не, оваа Влада во овие две години успеа да ги консолидира работите и од држава која што коленичеше станува фактор на стабилност и така ќе продолжиме како Влада да се однесуваме“, рече Мицкоски.

Текстот Буџетот е стабилен, засега не се планира зголемување на дефицитот, вели Мицкоски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top