(Видео) Мицкоски: Потрошувачката на гориво на бензинските пумпи е зголемена за повеќе од 10%

(Видео) Мицкоски: Потрошувачката на гориво на бензинските пумпи е зголемена за повеќе од 10%

пред 6 часа

Премиерот, Христијан Мицкоски, најави дека на денешната владина седница ќе се разгледуваат и други мерки поврзани со порастот на цените на нафтата. Тој, исто така, кажа дека многу граѓани од соседните земји точат гориво кај нас, па потрошувачката на бензин и дизел на бензинските пумпи е зголемена за повеќе од 10%.

„Денеска имаме редовна владина седница и ќе разгледуваме и други мерки коишто мислиме дека ќе бидат корисни во таа насока. Иако и покрај овие ценовни шокови морам да признаам дека имаме убедливо најниска цена на бензините и на дизел горивото во регионот, што создава дополнително еден притисок од страна на соседите, односно на граѓаните од соседните држави и можеме да забележиме дека за повеќе од 10% е зголемен конзумот на бензин и дизел гориво на нашите бензински пумпи, но и покрај тоа стабилното снабдување за граѓаните и стопанството стана наш приоритет и во овој момент тука нема никакви негативни очекувања, туку напротив останува стабилно да обезбедиме доволно количини и за нашите граѓани, но истовремено доколку и граѓаните од соседните држави ценат тоа ќе придонесе во подобрување на нивниот животен стандард ние како држава стоиме на располагање“, рече Мицкоски на меѓународна конференција во организација на Народната банка.

Според него, ова е пример за координиран пристап – каде што монетарната и фискалната политика се надополнуваат, а институциите делуваат синхронизирано во интерес на граѓаните.

Мицкоски вели дека денес, повеќе од кога било, е потребна координација – меѓу централните банки, владите и меѓународните партнери.  Тој истакна дека улогата на централното банкарство станува уште поважна – не само како чувар на ценовната стабилност, туку и како столб на довербата, стабилноста и економската отпорност.

„Живееме во време на длабоки и брзи глобални промени. Време во кое економските текови, финансиските пазари и безбедносните предизвици се испреплетуваат повеќе од кога било досега. Во таков свет, улогата на централното банкарство станува уште поважна – не само како чувар на ценовната стабилност, туку и како столб на довербата, стабилноста и економската отпорност“, рече Мицкоски.

Според него, централните банки денес не делуваат во изолирани услови туку функционираат во средина која е под силно влијание на глобалните шокови – од инфлаторни притисоци и прекини во синџирите на снабдување, до геополитички тензии и енергетски неизвесности.

„Во вакви околности, стабилноста не е дадена – таа е резултат на внимателно водени политики, координација и одлучност“, рече Мицкоски.

Воениот конфликт на Блискиот Исток, додаде тој, дополнително ги продлабочи овие предизвици.

„Во ваква средина, централните банки имаат двојна одговорност. Прво, да ја одржат ценовната стабилност и да ги амортизираат инфлаторните шокови. И второ, да ја зачуваат финансиската стабилност, обезбедувајќи ликвидност и сигурност во банкарскиот систем. Тоа бара внимателен баланс – помеѓу рестриктивни мерки за контрола на инфлацијата и поддршка на економската активност“, рече Мицкоски.

 

Текстот (Видео) Мицкоски: Потрошувачката на гориво на бензинските пумпи е зголемена за повеќе од 10% е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top