Струја се купува затоа што нема домашно производство, а нема затоа што нема јаглен во РЕК, ниту вода во хидроакумулациите, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму посочуваат дека по неколкуте купувања на скапа струја, склучен е нов договор за набавка на струја за 10 дена во вредност од над 12 милиони евра.
„Доколку оваа сума се собере со претходните 11 милиони евра потрошени за струја и 15 милиони кои ги плативме кон европската енергетска мрежа доаѓаме до сума од над 38 милиони евра, пари кои државата ги потроши за купување на скапа струја, а зимата календарски не е ниту почната“, се наведува во партиската реакција.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека власта краде струја и прави милиони, а како што велат, народот плаќа милиони за да има власта што да краде.
„Неспособноста за слабиот менаџмент со енергетските претпријатија ја плаќаат граѓаните од чии џебови се одвојуваат овие тешки милиони за да се купи струја, за подоцна и таа скапо платена струја некој од власта да ја краде за копање на биткоини“, истакнуваат од партијата.