Од ВМРО-ДПМНЕ бараат од владејачката СДСМ да го смени досегашниот пристап во енергетиката, оти, како што велат, народот тоа скапо го плаќа.
„ Ако тоа е штитење на стандардот на граѓаните, тогаш е јасно зошто сиромаштијата во Македонија забрзано расте. Поради нивниот несериозен и неодговорен пристап поскапеа електричната енергија и парното за по 15%. Заради кадрите и енергетските политики на заевизмот Македонија е во енергетска и топлинска криза која граѓаните ја плаќаат два пати, еднаш преку тешки милиони од народни буџетски пари, а втор пат преку поскапи сметки за секое домаќинство.
Кадрите на заевизмот дозволија да се увезува скапа струја, да се краде од европскиот систем само поради тоа што не произведуваа домашна струја која е 3-4 пати поевтина од увозната, а не произведуваа затоа што акумулациите беа испразнети и немаше ископ на јаглен.
Кадрите на заевизмот дозволија криза со парното, затоа што навреме не договараа увоз на гас, како што тоа го правеа одговорните лидери од другите европски земји.
Ете тоа се погубните резултати од досегашниот пристап на СДСМ и заевизмот во енергетиката. Тие, како што призна и нивниот потпретседател, секогаш се водат од личниот и партискиот интерес наместо од интересот на државата и граѓаните“ се додава во соопштението.