Во Народната банка се одржа 59. сесија на Клубот на истражувачите, платформа за презентација и разгледување научно-истражувачки трудови на Народната банка, којашто ја поддржува научно-истражувачката дејност во земјава во изминатите тринаесет години.
На оваа сесија беше претставен научниот труд „Дали може институционалната интеграција на берзите од Западен Балкан да ја зајакне монетарната трансмисија?”, (Can Institutional Integration of Western Balkans’ Stock Exchanges Strengthen Monetary Transmission?), од авторот Стефан Таневски. Авторот е добитник на првата награда за млади истражувачи на Народната банка за 2026 година.
Сесијата ја отвори директорката на Дирекцијата за монетарната политика и истражување Билјана Давидовска-Стојанова, којашто истакна дека интеграцијата на берзите не треба да се гледа само како реформа за развој на финансискиот пазар туку и како дел од пошироката макрофинансиска инфраструктура преку која монетарната политика влијае врз економијата. „Поинтегрираните пазари можат да овозможат побрз и поцелосен пренос на монетарните сигнали кон финансиските услови и реалната економија. Оттука, берзанската интеграција e потенцијално важен канал за поефикасно функционирање на монетарната политика. Сепак, самата консолидација на пазарите не е доволна, нејзините придобивки зависат од квалитетното управување, заштитата на инвеститорите и усогласената регулаторна рамка“, истакна Давидовска-Стојанова.
Авторот Таневски во својата презентација посочи дека трудот се фокусира на каналот на цените на средствата, како механизам преку кој се пренесуваат сигналите на монетарната политика во економијата. Во моментов, пазарите од Западен Балкан се фрагментирани и неликвидни, поради што и сигналите на централните банки само делумно и нерамномерно се пренесуваат врз цените на финансиските средства во различни сектори. Во својот труд авторот посочува дека интеграцијата на берзите од Западниот Балкан може значително да ја подобри оваа трансмисија, преку побрза и поефикасна реакција на цените на акциите на промените во каматните стапки и монетарните сигнали, при што се укажува дека структурата на финансискиот систем е директно поврзана со ефективноста на монетарната политика.
Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за презентирање труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели.
Зачленувањето е од отворен карактер. Следната сесија е планирана за декември оваа година.
Текстот Во Народната банка се одржа 59. сесија на Клубот на истражувачите е превземен од МАКФАКС.




