Депозитите се основен извор на финансирање на банките и следствено банките имаат разновидна понуда на депозитни производи којашто ги има предвид различните потреби на клиентите. Во финансискиот систем во земјава постепено се зголемува и понудата на нови инвестициски алтернативи.
„Да имаме предвид дека финансискиот систем се развива, постепено се збогатува и се отвораат нови инвестициски алтернативи за граѓаните. Една од нив е граѓанската обврзница на државата, за којашто знаеме дека имаше интерес, што од своја страна ќе влијае и врз каматните стапки на депозитите на банките“, посочи главната економистка на Народната банка, Анета Крстевска, говорејќи на панел-дискусијата „Динамиката на економскиот раст и можности за штедење и инвестирање 2024“ во рамките на Женскиот економски форум, организиран од Здружението „Јас сум жена“ и Факултетот за туризам и бизнис-логистика – УГД Штип.
Во современи услови, дигитализацијата може значително да го подобри пристапот до финансии и до новите инвестициски алтернативи. Дигиталната транзиција на малите и средните претпријатија, со која може да се обезбеди поголема продуктивност, може да биде поттикната од понудата на дигитални услуги од банките, но во голема мерка ќе зависи и од спремноста за дигитализација на компаниите, порача Крстевска. Таа посочи дека во периодот на пандемијата имаше насочување кон поголема употреба на дигиталните плаќања, како од страна на физичките, така и од страна на правните лица.
„Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) спроведе анкета во 2022 година за финансиска писменост и дигитализацијата на микро, малите и средните претпријатија (ММСП) во Југоисточна Европа (ЈИЕ), во рамките на регионалниот проект на ИНФЕ − ОЕЦД и Министерство за финансии на Холандија. Нашите фирми имаат 28 од вкупните 100 бода за дигитализација (просекот на е ЈИЕ 31, а на Г20 од 41 до 45), од кои 13 за дигитализација на финансиските активности (просекот за ЈИЕ е 13) и 15 за дигитализација на бизнисот (просекот за е ЈИЕ 17). Сето ова упатува на простор за подобрување на дигитализацијата на фирмите“, истакнува Крстевска.
Текстот Главната економистка на Народната банка, Крстевска: Се зголемува понудата на инвестициски алтернативи, но и на нови видови кредити е превземен од МАКФАКС.