Гувернерката на „Еуромани“: Високото ниво на девизни резерви овозможи Народната банка да делува навремено на пандемијата

пред 3 години

Високото ниво на девизните резерви акумулирани во периодот пред пандемијата ѝ овозможи на Народната банка да реагира навремено и смело преку намалување на основната каматна стапка, вбризгување на дополнителна ликвидност во системот и релаксирање на банкарската регулатива. Ова доведе до солидна кредитна поддршка на компаниите и домаќинствата, којашто впрочем и забрза во споредба со минатата година, како и натамошно намалување на каматните стапки до историски најниски нивоа, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на еден од водечките традиционални финансиски настани ‒ Форумот на Централна и Источна Европа, организиран од „Еуромани“, на панел-сесијата на која учествуваа неколку гувернери од Централна и Југоисточна Европа (ЦИЕ).

Во овој контекст, таа исто така истакна дека за водењето релаксирана монетарна политика придонесува и репо-линијата во вредност од 400 милиони евра, којашто на барање на Народната банка за првпат ја одобри Европската централна банка. Ваквиот инструмент е особено важен бидејќи овозможува брз пристап до девизна ликвидност, а во услови на висока неизвесност и на евентуални можни поголеми нарушувања на меѓународните пазари заради шокот од ковид-19.

Таа исто така говореше и за улогата и мандатот на централните банки. Притоа истакна дека, врз основа на искуството од глобалната економска криза во меѓународни рамки, се преиспитуваат некои од традиционалните погледи во однос на целите, стратегиите и инструментите на централните банки. За ова придонесуваат и структурните промени во економиите коишто произлегуваат од пандемијата. Она што, според неа, суштински се менува е однесувањето на домаќинствата и бизнисите, а воедно постои и потенцијално забавување на процесот на глобализација, како и забрзување на дигитализацијата на економиите. Сето тоа наметнува потреба од преоценување на врските во економијата и на трансмисискиот механизам на монетарната политика, заради соодветно приспособување на инструментите и на политиките.

На Форумот беа опфатени и други прашања важни за економиите на ЦИЕ, со посебно внимание на влијанието на пандемијата врз иднината на овие економии.

Share
Scroll to Top