Во последниот подкаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува“, министерката за финансии и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, ги претстави плановите на Владата за зголемување на платите, унапредување на економската ситуација и поддршка на младите.
Министерката истакна дека во новиот буџет се предвидени значајни зголемувања на платите, особено во секторите образование и здравство, како и покачувања во согласност со веќе потпишаните колективни договори. Димитриеска-Кочоска нагласи дека Владата работи на коригирање на неправдите кои биле направени во изминатите години во делот на платите.
„Ние сега што правиме? Во овој момент се трудиме да ги избалансираме работите коишто беа комплетно уништени од претходната влада. Тоа значи дека има институции во рамки на коишто има многу високи плати и на иста позиција било да е економист, правник, независно, во други институции идентичните позиции со многу пониски плати. Тоа го направи претходната влада, а ние се трудиме на некој начин да го избалансираме“, вели Димитриеска-Кочоска.
Што се однесува до младите, министерката потврди дека се работи на мерки кои ќе им помогнат да го подобрат својот стандард, вклучувајќи ваучери за студенти и финансиска поддршка за млади претприемачи. Таа нагласи дека мерките ќе бидат дополнително зајакнати преку Агенцијата за вработување, која располага со значителни средства за реализација на проекти насочени кон младите.
„Она што е многу важно е тоа што можеме оваа мерка дополнително да ја зајакнеме благодарение на Агенцијата за вработување. Во Агенцијата за вработување има една сопствена сметка на којашто има солиден износ на финансиски средства, преку која можеме навистина да реализираме позначајни проекти за младите и во периодот којшто следи, јас планирам да поразговарам подетално со министерот за економија во насока на тоа да дадеме уште поголеми можности на младите и да им обезбедиме што е можно подобри услови за живот тука“, додаде Димитриеска-Кочоска.
Текстот Димитриеска-Кочоска открива како ќе се зголемат платите и ќе се подигне стандардот на граѓаните! е превземен од МАКФАКС.