До 1 милион евра помош од државата ќе добијат компании за истражување и развој, а 4.400 евра годишно по лице ќе добиваат компаниите со нови вработувања

До 1 милион евра помош од државата ќе добијат компании за истражување и развој, а 4.400 евра годишно по лице ќе добиваат компаниите со нови вработувања

пред 4 часа

За да ја намали невработеноста за 20 %, колку што бара од нас Европската Унија, Владата од овој месец нуди поддршка за компаниите со нови вработувања и за компаниите со истражувања и развој. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, поддршката од државата за компаниите заедно со измените на законите кои дозволуваат сезонски вработувања на невработени вработени, студенти и пензионери без да ги изгубат стекнатите права, очекува значително да се намали невработеноста во земјава.

„Од први јануари 2026 година почнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите кој претставува силен инструмент за поттикнување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и отворање на нови, квалитетни работни места. Со овој закон државата обезбедува финансиска поддршка за компании кои инвестираат, остваруваат раст на приходите и ја задржуваат стабилноста на вработувањето. Поддршката е насочена кон нови вработувања со повисоки плати при што компаниите може да добијат до 20% од исплатената нето плата односно до 4.400 евра годишно по лице како и значителна поддршка за истражување и развој до 50% од оправданите трошоци и максимален износ до еден милион евра“, рече министерот Дурмиши.

Поддршката од државата, според министерот, е охрабрување за  трансформација на економијата кон поголема продуктивност и додадена вредност, а комбинацијата од двата закона вели дека е начин за сузбивање на сивата економија како и активна финансиска поддршка на формалната економија.

„Тоа е јасен сигнал дека државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима со повеќе формални работни места за работниците и силна поддршка за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на нашата економија“, рече министерот Дурмиши.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Со олеснувањето за работно ангажирање сезонски работници  министерот Дурмиши очекува 12.000 сезонски работници во земјоделството да бидат регистрирани за работата и околу 5400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите. Очекувањата се вкупно 17.400 лица да бидат опфатени со измените кои според министерот носат корист и за работниците и за работодавачите. „Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставна административна постапка, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување како и јасна правна заштита на нивните права. На овој начин воспоставуваме поправедни и потранспарентни услови на пазарот на трудот“, рече министерот Дурмиши.

Во првата фаза за сезонските работници се опфатени дејностите каде што анализите покажале дека сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството.

Текстот До 1 милион евра помош од државата ќе добијат компании за истражување и развој, а 4.400 евра годишно по лице ќе добиваат компаниите со нови вработувања е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top