Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска оствари билатерална средба со Лука Месец, потпретседателот на владата и министерот за труд, семејство, социјални прашања и еднакви можности на Република Словенија.
Министерот Дурмиши на почетокот на средбата ја нотираше одличната билатерална соработка која ја имаат Северна Македонија и Словенија која во континуитет е пријателска и без отворени прашања, базирана на традиционално пријателство, силно стратешко партнерство и долгогодишна конструктивна соработка и поддршка како на политички така и на економски план.
„Во рамки на економската соработка меѓу Северна Македонија и Словенија ми е задоволство да кажам дека во изминатиот период не се регистрирани поголеми потешкотии или отворени прашања во однос на условите во кои се одвиваше трговската размена. Сега со новата реорганизација Министерството за економија и труд е фокусирано на поддрршка на домашните и странските компании и поддршка на пазарот на труд во земјата, односно е институција во која се спојува бизнисот и работниците. Министерствотот за економија и труд пред шест месеци ги превзема надлежностите во делот на политиките за вработување и пазар на труд како нова надлежност“, кажа министерот Дурмиши.
Двајцата министери разговараа за продлабочување на соработката помеѓу двете земји во процесот на ревизија на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, кој ја регулира работата на Агенцијата за вработување, но и правата по основ на осигурување во случај на невработеност која е започната во 2021 година како можност за добивање експертска поддршка од Словенија за финализирање на овој процес.
„Со оглед на природната миграција во балканските земји, особено кон оние кои се во ЕУ, имаме интерес и за склучување на билатерален договор со Словенија за посредување за вработување, што би се одвивало помеѓу двете национални агенции за вработување,словенечката и македонската. Целта ни е да се овозможи поедноставена процедура на вработување помеѓу двете земји, со истовремена заштита на работниците и нивните права при врешењето на привремената работа“, кажа министерот Дурмиши.
Двајцата министери се договорија за продолжување на соработката во областа на трудовото право и политиките за вработување со цел да бидеме во тек со движењата на пазарот на труд, по угледот на современите економии.
Текстот Дурмиши-Месец: Продолжува полодната соработка помеѓу Северна Македонија и Словенија за унапредување на пазарот на труд е превземен од МАКФАКС.