Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи, амбасодарката на Сојузна Република Германија во земјава Анка Холштајн, како и Михаел Хармс, директор на Комитетот на источна Европа на германското стопанство, со воведни обраќања го отворија онлајн состанокот со делегацијата од над 20 германски стопанственици од повеќе сектори кои покажаа интерес за инвестиции во земјата.
Во фокус на состанокот беа теми поврзани со инвестиции во областите на дигитализација, енергетска ефикасност, третман на отпадни води, градење на општинска инфраструктурата, како и зајакнување на здравствените системи, кои ќе креираат понатамошен економски раст.
Премиерот Заев истакна дека економската соработка меѓу двете земји континуирано расте. Сојузна Република Германија е најважен трговски партнер на Северна Македонија од осамостојувањето до денес. Премиерот нагласи дека повеќето од германските инвеститори работат со голем успех во нашата земја и Германија е најголемиот надворешно-трговски партнер, со вкупна трговска размена во периодот јануари-септември 2020 година од 2,4 милијарди евра.
Вицепремиерот Битиќи дополни дека Владата е посветена на креирање на предвидлива бизнис клима за инвеститорите во земјава. За таа цел е отпочнат процес на долгорочен стратешки Национален развоен план и Централна единица за следење на ефективноста и ефикасноста на економските политики, борба со сивата економија и елиминација на корупцијата на сите нивоа.
На состанокот со германските стопанствениците дискутираа и министерот за здравство, Венко Филипче, за економија Крешник Бектеши, за транспорт и врска Благоја Бочварски, како и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање околу спецификите и можностите за инвестирање во соодветните области.
Во таа насока и на годишниот самит на Берлинскиот процес што се одржа во Софија, а ко-претседаваше Бугарија, Северна Македонија се приклучи на потпишување на две важни политички декларации што ќе го забрзаат идниот економски раст. Првиот е имплементација на заеднички регионален пазар меѓу шесте земји од Западен Балкан, додека втората е за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан, подготвена од Европската комисија. И двата процеси ќе доведат до понатамошно зајакнување на регионалните економска интеграција, што дополнително ќе го забрза економскиот раст на Северна Македонија.
Заедно со Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, што издвојува до 9 милијарди евра за целиот регион во следните неколку години, тие регионални иницијативи создаваат солидна основа за идните перспективи на регионот.