Заев: Првата делница од експресниот пат Штип–Радовиш ќе биде готова за три – четири месеци

пред 4 години

Премиерот, Зоран Заев, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, направи увид во работата на градежните активности на експресниот пат Штип – Радовиш, кои, како што кажа Заев, се одвиваат со брза динамика и се очекува финализирање и пред истекот на крајниот рок предвиден со проектот.

„Се применуваат сите европски правила за подигнување на нивото на безбедност во сообраќајот и изградба на експресен пат по најсовремени стандарди. Изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш со должина од 40,41 километар и вредност од преку 42 милиони евра се реализира во две фази. Изградбата на првата делница, од Штип до Бучим е во завршна фаза, поголемиот дел е веќе асфалтиран, осветлувањето е поставено и во моментов се монтираат еластичните огради. На втората делница, од Три Чешми до Радовиш, во тек се подготовки за поставување на коловозната конструкција. Се очекува првата делница од експресниот пат за три – четири месеци да биде пуштена во употреба“, истакна Заев.

Тој додаде дека оваа патна мрежа се надоврзува на автопатот Миладиновци – Штип и граѓаните на југоисточниот дел на земјата за многу пократко време ќе патуваат и пристигнуваат до Скопје.

Бочварски истакна дека експресниот пат Штип – Радовиш е од огромно значење и за економскиот развој на регионот каде работат околу 12 илјади мали и средни компании, но и пример за посветено работење на развој на инфраструктурата во државата.

„Изградбата на експресниот пат Штип -Радовиш е еден од најкрупните капитални проекти во овој регион. Велам дека е еден од многуте проекти, бидејќи оваа Влада само во овој регион инвестираше околу 265 милиони евра за изградба и рехабилитација на патната мрежа“, рече министерот Бочварски и констатираше дека во градежниот сектор нема отпуштање на работници за што најголемо влијание за тоа имаат токму капиталните проекти во изградба на инфраструктурата.

Share
Scroll to Top