Златото повторно ја надмина границата од 4.000 долари за унца, централните банки продолжуваат да ги зголемуваат резервите

Златото повторно ја надмина границата од 4.000 долари за унца, централните банки продолжуваат да ги зголемуваат резервите

пред 3 часа

По неколкунеделни значителни ценовни осцилации, златото повторно ја надмина границата од 4.000 долари за тројска унца. Новите податоци на Светскиот совет за злато (World Gold Council) покажуваат дека централните банки, и покрај корекцијата на цената, продолжуваат да ги зголемуваат своите златни резерви.

По периодот на зголемена нестабилност, проследен со масовни распродажби на глобалните финансиски пазари, цената на златото забележа силно закрепнување на 4 ноември, откако резултатите од изборите за американскиот Конгрес покажаа дека Демократската партија освоила мнозинство во двата дома.

Цената на овој благороден метал повторно ја надмина границата од 4.000 долари за унца, а растот продолжи и на 5 ноември, кога златото достигна цена повисока од 4.100 долари. Сепак, веќе на 6 ноември следуваше нов пад, што покажува дека пазарот и понатаму се соочува со значителни ценовни осцилации.

Промената на политичкиот однос на силите доведе до слабеење на американскиот долар и пад на приносите на американските државни обврзници. Тоа позитивно влијаеше врз цените на благородните метали, при што значителен раст забележаа и среброто и платината.

Закрепнувањето следуваше по значителниот пад на цената на златото во претходните месеци. Откако кон крајот на јануари достигна рекордни нивоа над 5.500 долари за унца, цената на златото кон крајот на октомври падна под 3.900 долари.

Меѓу главните фактори што придонесоа за овој пад беа очекувањата за повисоки каматни стапки во САД, зајакнувањето на доларот и пошироките распродажби на финансиските пазари.

Додека финансиските пазари и понатаму се изложени на зголемена нестабилност, најновите податоци на Светскиот совет за злато укажуваат на поинаков тренд кога станува збор за побарувачката од институционалните инвеститори.

Во третиот квартал од 2026 година, централните банки купиле 321 тон злато, што претставува зголемување од 42 отсто во споредба со истиот период минатата година. Нивните вкупни набавки од почетокот на годината достигнале 675 тони.

Силен интерес за златото задржале и инвеститорите што вложуваат преку финансиски инструменти обезбедени со физичко злато. По нето-одливот на средства во вториот квартал, берзанските фондови што инвестираат во злато (ЕТФ) забележале нето-прилив од 211 тони во третиот квартал.

Текстот Златото повторно ја надмина границата од 4.000 долари за унца, централните банки продолжуваат да ги зголемуваат резервите е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top