Истанбул ќе биде домаќин на македонско-турски бизнис форум: Во фокусот инвестиции, енергетика и инфраструктура

Истанбул ќе биде домаќин на македонско-турски бизнис форум: Во фокусот инвестиции, енергетика и инфраструктура

пред 4 часа

Во петок во Истанбул ќе се одржи бизнис форум посветен на јакнење на економските врски и промоција на инвестициските потенцијали на Република Северна Македонија пред турската деловна заедница.

Форумот има за цел да ги поврзе институциите и бизнис секторот од двете земји преку директни контакти и разговори насочени кон отворање нови можности за соработка и заеднички инвестиции.

На настанот е најавено учество на премиерот Христијан Мицкоски, кој ќе предводи владина делегација составена од ресорни министри од економската, енергетската и инфраструктурната област.

Од турска страна, домаќин на форумот е министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат, а организацијата ја спроведуваат Министерството за трговија на Турција и DEİK – Советот за надворешни економски односи.

Во рамки на програмата ќе бидат претставени инвестициските потенцијали на нашата земја, а настанот ќе вклучи и официјални обраќања, тематски панели посветени на трговијата, енергетиката и инфраструктурата, како и Б2Б средби меѓу компании од двете земји, со фокус на размена на искуства и унапредување на соработката во клучните економски сектори.

Форумот е наменет за компании кои имаат интерес за проширување на своето присуство на меѓународните пазари и воспоставување нови деловни партнерства во рамки на регионалната економска соработка.

Форумот се организира во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, како дел од Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата на Република Северна Македонија и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП.

Во континуитет на ваквите активности, како дел од пошироката серија промотивни настани за позиционирање на Северна Македонија како атрактивна инвестициска дестинација, сличен бизнис форум неодамна се одржа и во Будимпешта. Овие настани претставуваат дел од пошироките напори за промоција на економските потенцијали на земјата и привлекување нови странски инвестиции преку директна комуникација со меѓународната бизнис-заедница.

Текстот Истанбул ќе биде домаќин на македонско-турски бизнис форум: Во фокусот инвестиции, енергетика и инфраструктура е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top