Комора на сметководители: Министерот за финансии да го сопре самоволието во институцијата која ја води

пред 3 години

Комората на сметководители апелира да се донесе нов Закон за сметководствени работи и повлекување на законските измени кои се веќе во собраниска процедура. Со нивно носење, велат сметководителите, уште повеќе ќе се нарушат лошите услови за работа.

„Комората на сметководители континуирано апелира за потребата од унапредување на професијата, но во пракса продолжува самоволието во постапување на Секторот за финансиски систем во Министерството за финансии. Наместо повлекување на предлог-законот за измените на Законот за вршење сметководствени работи од собраниска процедура и конечно формирање на работна група за креирање ново законско решени, предлог-законот е ставен на дневен ред на 34 седница на Собрание, закажана за 16.02.2021година и тоа со европско знаменце, со што се забрзува постапката на негово донесување“, стои во реакцијата од Комората.

Со предложените законски измени, како што информираат сметководителите, се предвидува слободен влез во професијата на странски државјани од земјите членки на Европската економска заедница.

„Нагласуваме дека ЕУ не бара вакво усогласување, што значи дека со оваа манипулација во законското решение само се прави упад на пазарот на даватели на сметководствени услуги од странство и се дискриминираат и загрозуваат сметководителите во земјава кои истото право не можат да го остваруваат интернационално“, реагираат тие.

Комората на сметководители бара итна средба со Министерот за финансии и претставници од Секторот за финансиски систем.

Според нив, предлог измените се крајно дискриминирачки и дополнително ја загрозуваат професијата.

„Доколку и понатаму продолжи немањето слух за реалните проблеми, Комората на сметководители ќе преземе радикални мерки кои ќе останат на сила се до исполнување на барањата“, изјави Александра Андреева, член на Упоравниот одбор на Комората на сметководители.

„Мора да се стави крај на ваквите перфидни обиди за исполнување на лични интереси на поединци “,  додаде  Андреева.

Share
Scroll to Top