Лагард: Да се регулира тргувањето со биткоинот поради перење пари

пред 4 години

Претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард повика на глобално регулирање на трговијата со биткоин, наведувајќи дека оваа дигитална валута во некои случаи се користи за активности за перење пари и дека е потребно да се затворат сите „дупки“ во регулативата, пренесува „Ројтерс“.

Биткоинот излезе од својот мал „лажен пазар“ во последниве години и сега го купуваат обични луѓе, инвестициски фондови, па дури и големи корпорации. Некои дури земаат заеми за да го зголемат купувањето на таа криптовалута, чијашто вредност се зголеми десеткратно од минатиот март.

Сепак, неговата главно анонимна природа предизвика загриженост дека може да се користи за перење пари и други нелегални активности.

„Биткоинот е високо шпекулативно средство што се користи за некои чудни деловни активности и за некои интересни и целосно неприфатливи активности за перење пари“, рече Лагард на конференцијата „Ројтерс некст“.

Таа не наведе конкретни случаи во кои таа дигитална валута е користена за перење пари, но рече дека има информации дека се води кривична истрага против тие незаконски активности. Таа не даде повеќе детали за тоа.

Со својот апел шефицата на ЕЦБ им се придружи на бројните регулатори од целиот свет во повиците за примена на глобалните правила и криптовалутите.

„Мора да има регулатива. Таа мора да се применува и да се договара на глобално ниво, и ако некој го избегнува тоа, тоа бегство ќе биде злоупотребено“, рече Лагард.

Share
Scroll to Top