Халкбанк АД Скопје и Women in Tech Macedonia ја лансираа HalkWomen.mk, првата дигитална платформа за поддршка и развој на женското претприемништво во земјава.
Преку едукативни и информативни видеосодржини, создадени во соработка со еминентни професионалки во својот домен на делување, HalkWomen.mk има за цел да им го олесни влезот на жените во светот на претприемништвото, да им обезбеди практични знаења за започнување и развивање сопствен бизнис, како и да поттикне меѓусебно поврзување, соработка и размена на искуства.

Лансирањето на платформата беше одбележано со одржување на HalkWomen Хакатонот за жени претприемачки, во централата на Халкбанк АД Скопје. Организирани во 12 тимови, учесничките работеа на четири клучни предизвици со кои се соочуваат жените во претприемништвото, привлекување на првите клиенти, започнување бизнис со ограничен буџет, онлајн продажба и градење мрежа за поддршка. Со помош на ментори од бизнис-заедницата, тимовите развија конкретни предлози и практични решенија за натамошно унапредување на функционалностите на платформата. На тој начин, платформата стана основа за меѓусебна работа на 100 жени претприемачки и девојки кои имаат амбиција да започнат сопствен бизнис, а ќе се темели на нивните реални потреби, искуства и предизвици.

„Четири години како банка сме меѓу жените и работиме за жените. Низ разговорите со нашите клиентки видовме колку им значи да имаат со кого да споделат искуство, каде да најдат информации и од кого да побараат поддршка. Од тие разговори произлезе HalkWomen.mk, дигитална платформа што ја создадовме заедно со Women in Tech. Тука, на едно место, жените претприемачки ќе можат да се поврзат, да учат и да најдат информации што ќе им помогнат во развојот на нивниот бизнис. Сакаме платформата да расте заедно со нив, водена од нивните идеи и потреби“, изјави Маја Наумовска Савеска, директорка на Корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк АД Скопје.

Особената вредност на HalkWomen.mk произлегува од пристапот на нејзиното создавање, во кој жените претприемачки се активни учеснички во креирањето на содржините и решенијата што треба да одговорат на нивните реални потреби. Токму овој пристап е во основата на соработката меѓу Халкбанк и Women in Tech Macedonia.

„HalkWomen.mk не ја направивме за жените, ја направивме заедно со нив. Денеска над 100 жени ни кажаа што навистина им треба кога започнуваат и водат бизнис, а платформата е одговорот на тоа. Ова е само почетокот“, изјави Моника Ризовска Таневска, претседателка на Women in Tech Macedonia.

Со лансирањето на HalkWomen.mk, Халкбанк и Women in Tech Macedonia поставуваат основа за градење активна претприемачка заедница која ќе придонесува за економско зајакнување на жените и зголемување на нивното учество во бизнис-секторот. Платформата е достапна на www.halkwomen.mk.
ПР
Текстот Лансирана HalkWomen.mk, платформа за женско претприемништво е превземен од МАКФАКС.



