Лукаревска: Секое трето дете живее под прагот на сиромаштија, новиот буџет крати од најранливите,  а ги зголемува долговите и каматите

Лукаревска: Секое трето дете живее под прагот на сиромаштија, новиот буџет крати од најранливите, а ги зголемува долговите и каматите

пред 3 часа

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на седницата на Комисијата за финансирање и буџет посочи дека Предлог-буџетот за 2027 година, наместо да понуди развој, подобар животен стандард и сигурност за граѓаните, ги продлабочува постојните економски и социјални проблеми. Таа посочи дека дефицитот изнесува 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП, додека капиталните расходи се планирани на 40,8 милијарди денари. Според Лукаревска, тоа значи дека разликата од над 4 милијарди денари не оди за патишта, училишта и развојни проекти, туку за тековна потрошувачка.

„Особено загрижувачки е односот на Владата кон најранливите категории граѓани. За социјална заштита се планирани само 14,3 милијарди денари, што е помалку од средствата реализирани во претходните години. Во споредба со ребалансот за 2026 година, намалувањето изнесува 2,2 проценти, а во однос на реализацијата во 2025 година 2,5 проценти. Кога ќе се земе предвид инфлацијата од 3,2 проценти, реалното намалување во однос на 2026 година достигнува околу 5 проценти“, рече Лукаревска, посочувајќи дека ова е особено алармантно ако се има предвид дека сиромаштијата и натаму е сериозен проблем во државата.

Според податоците што ги посочи Лукаревска, стапката на сиромаштија кај децата до 17 години изнесува 21,9 проценти, кај самохраните родители 29,5 проценти, а кај семејствата со три или повеќе деца достигнува 45 проценти.

„Социјалните трансфери, без пензиите, ја намалуваат сиромаштијата за само 2,1 процентен поен. Овие бројки се јасен показател дека социјалната политика не дава доволно резултати, а наместо да ја зголеми поддршката за семејствата и децата, Владата планира дополнително намалување на реалната вредност на социјалните надоместоци. Секое трето дете во оваа земја живее под прагот на сиромаштија“, истакна Лукаревска.

Лукаревска предупреди и на сериозниот проблем со финансирањето на општините. Кажа дека блок-дотациите од кои се исплаќаат платите на вработените во училиштата, градинките и домовите за стари лица номинално се намалуваат за 0,6 проценти. Истовремено, нето-платите се проектирани да растат за 6,7 проценти

„Тоа значи дека трошоците за обезбедување на истите јавни услуги ќе растат побрзо од средствата што Владата им ги префрла на општините. Последиците ќе ги почувствуваат учениците, децата во градинките, наставниците и вработените во јавните установи. Дополнително, вкупните трансфери кон единиците на локалната самоуправа растат само 0,6 проценти, што е недоволно за реалните потреби. Особено загрижувачки е што ваквата политика може да значи помалку средства за материјални трошоци, одржување на училиштата и инклузивно образование, особено за децата со попреченост и ромските деца“, потенцираше Лукаревска.

Во однос на платите и пензиите, Лукаревска посочи дека Предлог-буџетот предвидува раст на платите од 6,4 проценти и раст на пензиите од 4,8 проценти, додека Европската комисија препорачува фискална консолидација и ограничување на растот на платите и пензиите во јавниот сектор.

Една од најголемите слабости на предложениот буџет, како што кажа Лукаревска, е растот на трошоците за камати.

„За 2027 година се планирани 24,9 милијарди денари за камати, што е раст од 18,2 проценти во споредба со ребалансот за 2026 година. За споредба, во 2021 година каматите изнесувале 9,1 милијарда денари. За само шест години тие се зголемени речиси 2,7 пати. Средствата за камати се речиси двојно поголеми од издвојувањата за социјална заштита“, посочи Лукаревска.

„Секој денар за камати е денар којшто не оди онаму каде што е најпотребно“, нагласи таа.

„Според буџетските проекции, јавниот долг на крајот на 2026 година се очекува да достигне 58,2 проценти од БДП, додека Фискалниот совет посочува дека веќе во јуни 2026 година тој изнесувал 58,8 проценти. Дополнително, Фискалниот совет укажува на неизмирени доспеани обврски на јавниот сектор од над 700 милиони евра“, рече таа.

Ова, според Лукаревска, е сериозен сигнал дека задолжувањето и трошоците за негово сервисирање стануваат сè поголем товар за државата.

„Особено загрижувачки се и податоците за здравството. Доспеаните, а неплатени обврски на општите болници, универзитетските клиники и здравствените домови достигнале 157 милиони евра, односно близу 10 милијарди денари. За само една година овие долгови се зголемиле за речиси 80 милиони евра. Истовремено, кај Министерството за здравство има намалување на развојните средства, а за реконструкција и доградба на објектите на јавните здравствени установи се планираат 155 милиони денари помалку“, рече Лукаревска.

Додаде дека намалувања има и кај образованието. „Според анализата на Парламентарната буџетска канцеларија, средствата за Министерството за образование се намалени за 503 милиони денари, односно за 28,5 проценти во споредба со 2026 година“.

Лукаревска предупреди и дека во 2027 година не е планирано отворање ниту едно ново средно училиште.

Таа посебно го критикуваше и финансирањето на реформите во владеењето на правото.

„За владината програма „Јакнење на владеењето на правото“ се предвидени вкупно 1,35 милиони денари, а за подпрограмата „Борба против корупција“ само 150.000 денари, односно околу 2.400 евра за цела година. Државната комисија за спречување на корупцијата добива 1,9 проценти помалку средства во споредба со 2026 година. Истовремено, реализацијата на Антикорупциската стратегија изнесува само 23 проценти. „Владеењето на правото е првиот услов за преговорите“, потсети Лукаревска, посочувајќи дека реформите и борбата против корупцијата мора да имаат соодветна финансиска поддршка.

Лукаревска посочи и на нелогичности во распределбата на буџетските средства.

„Додека се намалуваат средствата за суштински потреби, кај одредени институции се забележуваат големи зголемувања на расходите за опрема, градежни објекти, договорни услуги, мебел, патни и дневни трошоци.
Како примери ги посочи зголемувањето од 571 процент кај расходите за други градежни објекти во Дирекцијата за заштита и спасување, споредено со 2025 година, зголемувањето од 175 проценти кај договорните услуги во Министерството за правда, зголемувањето од 495,7 проценти за градежни објекти кај Агенцијата за стокови резерви и зголемувањето од 47 проценти кај патните и дневните расходи во Министерството за животна средина и просторно планирање“, рече таа.

Особено е нелогично, истакна Лукаревска, што се зголемуваат патните и дневните трошоци во институции во кои се намалуваат средствата за нивните основни надлежности.

Лукаревска рече дека Предлог-буџетот за 2027 година не ја спроведува фискалната консолидација што самата Влада ја најавуваше. Наместо тоа, додаде таа, се намалуваат средствата за најранливите граѓани, се ограничува финансирањето на општините, се кратат развојните средства за образованието и здравството, а реформите за владеење на правото и борба против корупцијата остануваат без соодветна финансиска поддршка.

Текстот Лукаревска: Секое трето дете живее под прагот на сиромаштија, новиот буџет крати од најранливите, а ги зголемува долговите и каматите е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top