„Макпетрол“: Никој ништо не ни подарува, туку државата од нас купува капитален објект по реална цена

пред 3 години

Воопшто не сме изненадени од арогантноста, нивото на политичка култура и примитивизмот на дел од пратениците во Собранието. Но, изненадени сме од изнесените навреди и невистини во врска со „Макпетрол“, ТВ „Телма“ и нивното раководство, велат од компанијата во врска со 20-тата седница на Собранието, на која се разговараше за предлог-законот за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“ пат на спогодба, по скратена постапка.

Според, „Макпетрол“ постои очигледна намера да се блокираат евроинтеграциите на земјата со попречување на усогласувањето на домашното законодавство со ЕУ директивите, во конкретниот случај со Третиот енергетски пакет.

„Не сакаме да ги коментираме ставовите дали оваа проблематика треба или не треба да се регулира со закон, од причина што подносител на иницијативата до Собранието, не е ниту може да биде Макпетрол, туку Владата. Но, обврска на Макпетрол е да го почитува Законот за енергетика, кој е усогласен со Третиот енергетски пакет, и мора да го продаде својот удел од 50% во ГА-МА АД Скопје, бидејќи повеќе не може истовремено да ги врши дејностите трговија и снабдување со природен гас и пренос на природен гас“, се наведува во соопштението.

Во него се објаснува дека ГА-МА АД Скопје е формирана како акционерско друштво во сопственост на „Макпетрол“ и Владата, со по 50% од вкупниот основачки капитал на Друштвото, во износ од 37.612.500 евра.

Од 2006 година до денес, ГА-МА АД има инвестирано неколку десетици милиони евра во развој на гасоводниот систем на земјата, велат од „Макпетрол“.

„Овластени проценители, ангажирани преку Бирото за судски вештачења утврдија пазарна вредност на ГА-МА АД во износ од 65.547.810 евра, од која вредност 50% во износ од 32.773.905 евра му припаѓаат на Макпетрол. Според тоа, на Макпетрол никој ништо не му подарува. Напротив, државата купува од Макпетрол капитален објект по реална цена, кој единствено денес функционира во областа на гасификацијата на државата“, се вели соопштението на компанијата.

Од таму јавно ги прашувааат пратениците од опозицијата, ако се толку многу загрижени за граѓаните во државата, зошто тогаш експресно и без дискусија бил изгласан Законот за финансирање на политичките партии.

„Јавноста во Државата треба да знае дека говорот на омраза и навредите упатени кон Макпетрол, Телма и нивното раководство од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се последица на неостварената желба на нивниот лидер да влијае врз уредничката програма на телевизијата Телма“, се наведува во соопштението во кое се додава дека „Телма“ отсекогаш била неутрален и објективен медиум и дека таков ќе остане и во иднина.

Пратениците по предлог-законот расправаа во петокот и ноќта меѓу петок и сабота, по што во раните утрински часови по повеќе од дваесет часа седницата беше прекината.

Share
Scroll to Top