Повеќе од потребно беше да извршиме реконструкција и реставрација на конаците кои некогаш го симболизираа вистинскиот црковен дух и беа парче од манастирскиот мозаик во комплексот Св. Пантејлемон на Водно, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски за време на денешната посета и увид на градежните работи во манастирот.
Предвидено е Св. Пантејлемон и понатаму да остане отворен за посетители.
„За овој проект, аплицираше локалната власт и ние како министерство заедно со Бирото за регионален развој одобривме 6 милиони денари бидејќи Св. Пантелејмон е дел од нашето културно наследство. Замената на столаријата беше повеќе од неопходна, секако проследена со внатрешно уредување и пренамена на одредени простории, менување на подот, но со задржување на стариот стил т.е поставување на бродски под, реконструкција на тоалетите и поставување на нова електрична инсталација во конакот, нов систем за вентилација, нов противпожарен систем за дојава на пожар кој е од големо значење за сигурноста и безбедноста на просториите и самиот манастирски комплекс. Со сите овие интервенции, ја враќаме автентичноста на внатрешниот простор и секако ќе се задржи автентичноста на надворешниот изглед на манастирскиот конак. Идејата е овој комплекс да се изреновира согласно насоките од МПЦ и да стане уште едно монашко светилиште, со кое ќе можеме да се претставиме пред туристите кои ја посетуваат државата“, порача Милевски.
Во завршна фаза се конзерваторски и реставраторски работи на главниот конак на Свети Пантелејмон.
Според Милевски, манастирот, кој во поновата историја беше познат како ресторан каде што се правеа свадби и веселби, сега тежнее да го врати вистинскиот дух на црковен духовен центар во скопската околина.