Мицкоски: Притисокот од соседните земји ја зголеми потрошувачката на гориво во Македонија поради ниските цени, но снабдувањето е стабилно

Мицкоски: Притисокот од соседните земји ја зголеми потрошувачката на гориво во Македонија поради ниските цени, но снабдувањето е стабилно

пред 24 часа

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека снабдувањето со нафта и нафтени деривати во државата е стабилно и дека нема прекин во снабдувањето.

Во врска со информациите дека на одредени бензински пумпи во пограничните општини е забележан недостиг поради зголемената побарувачка, Мицкоски изјави дека Државниот пазарен инспекторат е на терен.

„Забележани се такви однесувања на некои пумпи во погранични општини затоа што има голем притисок од соседните држави, каде цената на енергенсите е за повеќе од 40 до 50 проценти повисока од кај нас“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека разликата во цените е значителна и како пример ја наведе Србија, каде што, како што рече, цената на горивото е меѓу 120 и 130 денари за литар, додека во Македонија е околу 71 денар.

„Како резултат на таквиот притисок имаме огромно зголемено количество на трошење на нафта и нафтени деривати и можеби поради тоа на одредени бензински пумпи има недостиг на количини“, додаде премиерот.

Според информациите што ги добил од Државниот пазарен инспекторат, на територијата на целата држава граѓаните и бизнисите непрекинато се снабдуваат со нафта и нафтени деривати.

Мицкоски нагласи дека државните резерви можат да покријат целодневен конзум повеќе од 62 дена и оцени дека снабдувањето е повеќе од одлично.

Тој посочи и дека е ставен во функција нафтоводот со јужниот сосед, кој, како што рече, успешно ги поминал сите тестови.

„Кога почнавме да го рестартираме нафтоводот со нашиот јужен сосед на многумина им изгледаше чудно и невозможно, но поминаа сите тестови и можеме да го користиме и тој капитал. Може да го ставиме и на располагање на соседите и тие да го користат за нивните потреби“, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека Македонија во моментов има стабилна енергетска состојба и претставува фактор на стабилност во регионот, нагласувајќи дека граѓаните плаќаат најниска цена за нафта и нафтени деривати.

Текстот Мицкоски: Притисокот од соседните земји ја зголеми потрошувачката на гориво во Македонија поради ниските цени, но снабдувањето е стабилно е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top