Со формирањето на Комитетот за јавни инвестиции, државата воспоставува поцврст и поодговорен механизам за одлучување, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Денес правиме чекор кој долго време недостасуваше во системот на управување со јавните инвестиции. Со формирањето на Комитетот за јавни инвестиции, државата воспоставува нов, поцврст и поодговорен механизам за одлучување, кој не се води од импровизации, туку од јасни критериуми, визија и стратегија“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека ова не е само административна одлука туку дека е суштинска промена во начинот на кој ќе се гради иднината.
„Зашто јавните инвестиции не се бројки на хартија, тие се патишта по кои се движи економијата, училишта во кои учат нашите деца, болници во кои се лекуваат нашите граѓани, енергетски капацитети кои ја гарантираат стабилноста на државата. Целта што ја поставуваме е јасна: секој денар од буџетот да биде насочен таму каде што создава најголема вредност. Таму каде што носи раст, отвора работни места и го подобрува квалитетот на животот. Времето на стихијно планирање заврши. Доаѓа време на систем, одговорност и резултати“, рече Мицкоски.
Текстот Мицкоски: Со формирањето на Комитетот за јавни инвестиции, државата воспоставува поцврст и поодговорен механизам за одлучување е превземен од МАКФАКС.





