Дигиталната технологија сѐ повеќе влијае врз финансиската индустрија. Модернизацијата на плаќањата е особено изразена и зема сѐ поголем замав и во нашата економија. Според податоците од платежната статистика за 2023 година на Народната банка, забележано е зголемување на безготовинските платежни трансакции од 16%, во споредба со 2022 година, односно 87 трансакции по глава на жител. Според глобалната база на податоци „Финдекс“ на Светската банка, процентот на возрасни кои извршиле или примиле дигитални плаќања се зголемил од 44% во 2014 година на 64% во 2021 година.
Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на почетокот на Работилницата за новинари под наслов „Дигитализацијата на финансиските услуги и нивната примена во банкарскиот сектор“, којашто се одржа во Народната банка. Пред новинарите се обратија и Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Кристина Трпезаноска, заменик-претседавачка на Комисијата за информативна сигурност и членка на Комисијата за ризици при МБА и директорка на Одделот за управување со ризици при „Прокредит банка“ и Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во „Комерцијална банка“ АД Скопје.
Гувернерката посочи дека преку низа активности се поддржува примената на новите технологии во плаќањата, а дека од суштинско значење за ова е и стратегискиот пристап и носењето на Финтек-стратегијата за финансиските регулатори за периодот од 2023 до 2027 година, изработена од Народната банка, во соработка со претставници од регулаторните и надзорните институции во финансиската сфера. Гувернерката Ангеловска-Бежоска во своето обраќање ја истакна важноста на регулативната рамка, но и иновациите во процесите на плаќање и широката примена на механизмите за електронско прифаќање на плаќањата, како значителна промена што води кон економија без готовина.
Во своето обраќање, гувернерката посочи дека покрај предностите, дигитализацијата носи и нови ризици, како кибернападите. Оттаму, од голема важност е да се подигне јавната свест за овие предизвици преку процесот на финансиска едукација, но и преку спроведувањето на европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност. „Kибернападите бележат постојан раст, а стануваат и сѐ посложени и посилни. Се проценува дека на дневна основа има повеќе од 2200 напади, односно еден напад на секои 39 секунди. Финансиската индустрија традиционално е прва на листата по бројот на кибернападите.“
На Работилницата стана збор и за Законот за платежни услуги и платни системи, којшто води кон значајна пресвртница и со кој се овозможуваат нови решенија за дигиталните плаќања, коишто покрај банките и штедилниците, ќе ги развиваат и новите даватели на платежни услуги од финтек-секторот.
„Се очекува дека новата правна рамка којашто е усогласена со правото на Европската Унија ќе го зајакне трендот на дигитализација на платежните услуги во земјата и истовремено ќе ги отвори можностите за забрзана интеграција на земјата во СЕПА и поврзување со платежната инфраструктура во Европската Унија, што ќе овозможи побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите“, истакна Игор Величковски, директорот на Дирекцијата за платни системи.
Директорката на Одделот за управување со ризици во „Прокредит банка“, Кристина Трпезаноска, посочи дека во последните години во банкарскиот сектор во нашата држава е направен виден исчекор во дигитализацијата, поддржана од соодветните законски промени. „Понудата на дигиталните услуги ќе се зголеми во идниот период, а должност на банките е да обезбедат нивна практична, лесна и ефикасна употреба, како и унапредување на дигиталната писменост на крајните корисници. Во овој процес на засилена дигитализација, од суштинско значење е да се спроведат стандардите за информативна безбедност и заштита на дигиталниот простор“, нагласи Трпезаноска.
Претставниците на банките се согласни дека дигитализацијата на финансиските услуги значително го трансформира финансискиот сектор.
„Мобилните апликации и интернет-банкарството овозможуваат управување со финансиите од каде било, додека напредните методи за автентикација ги заштитуваат податоците. Финансиската вклученост, брзите плаќања и поврзаноста со други услуги дополнително придонесуваат за позитивните ефекти на дигитализацијата, овозможувајќи економски развој и напредок“, порача Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во „Комерцијална банка“ АД Скопје.
На Работилницата присуствуваа новинари од голем број медиуми коишто известуваат во доменот на економијата.
Текстот Народната банка одржа работилница за новинарите: „Дигитализацијата на финансиските услуги и нивната примена во банкарскиот сектор“ е превземен од МАКФАКС.