Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје, Собранието го донесе новиот закон за вино

Националната федерација на фармерите за претстојниот откуп на винското грозје: Лозарите се во подобра позиција

пред 5 месеци

Став на Националната федерација на фармерите за престојниот откуп на винското грозје

Националната федерација на фармерите во изминатите две години активно лобира за донесување измени во Законот за виното. Нашите препораки беа делумно прифатени, што резултира со усвојување на нашата заложба за пресметка на производната цена на винските сорти „смедервка“ и „вранец“ од страна на научна институција. Со ова, најниската откупна цена од оваа година ќе биде 25 % повисока од производната цена и сметаме дека оваа пракса треба да продолжи.

Измените на Законот за виното беа усвоени на почетокот на 2024 година, правилникот за пресметка за производната цена на грозје е донесен во мај 2024, а производната цена е објавена на 6.8.2024. Сепак, сметаме дека оваа информација треба да биде објавена порано, најдоцна до јуни.

Објавената информација од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за пресметаната производна цена, во која се и вклучените 25 % изнесува 18,3 денари за „смедервка“ и 20,8 денари за „вранец“, е изработена од Институтот за земјоделство според дефинирана методологија. Ние сметаме дека од страна на МЗШВ самата пресметка треба да биде навремено јавно објавена за да се расчистат недоразбирањата и да се избегне забуна во јавноста.

Националната федерација на фармерите сака да потенцира дека ваквиот пристап кон решавање на долгогодишните проблеми во секторот лозарство ги поставува лозарите во подобра позиција намалувајќи ги манипулациите од страна на откупувачите. Oвој системски пристап резултира со зголемување на откупните цени на „смедеревка“ и „вранец“ оваа година. Минатата година таа изнесуваше 13-12 денари за килограм предадена „смедеревка“ и 15-17 денари за килограм предаден „вранец“, а изминатите години беше уште пониска, така што оваа година цената за „смедеревка“ изнесува 18,3 денари за килограм и 20,8 денари за килограм „вранец“ доколку шеќерните единици изнесуваат 17 за „смедеревка“ и 19 за „вранец“, кои се најниски шеќерни единици за откуп на грозјето.

Националната федерација на фармерите апелира до надлежните институции, до Земјоделскиот инспекторат, да го следат процесот на откуп и да се осигурат дека не се вршат манипулации со шеќерните единици и воедно контролата да се врши еднакво и на винарниците и на индивидуалните трговци за откуп на винското грозје, како и да се спречуваат дивите откупувачи да откупуваат грозје, кои на манипулативен начин ќе сакаат да откупуваат винско грозје по пониска цена.

Винарите и откупувачите треба да ги почитуваат договорените откупни цени, односно да ги почитуваат сегашните договорени откупни минимални цени и да ги коригираат своите ценовници, каде што таа цена е сега пониска, а воедно да го почитуваат Законот за виното за секоја повисока шеќерна единица да се плаќа еден денар плус. Бараме од винарниците и откупувачите да го исплаќаат износот за откупено винско грозје во целост во рок од седум дена и да не ја намалуваат откупната цена за 8 % бидејќи ова не одговара на ниедни пазарни, демократски и европски правила, принципи и услови со кои се регулира откупот, туку на ваков начин само се овозможува намалување на цената на откуп на винското грозје и се демотивираат лозарите да произведуваат грозје и ги напуштаат лозовите насади. Треба, конечно, винарниците да сфатат дека треба да се воспостават партнерски односи со лозарите преку договорно производство, кое ќе се склучува на почетокот на производната година на грозје.

Националната федерација на фармерите со години бара измена на членот 20 од Законот за виното, така што исплатата за откупеното грозје за сите сорти да биде извршено во рок од седум дена, без да биде намалена откупната цена за 8 % или најдоцна до декември во тековната година, а не како што е наведено сега во законот, исплатата на износот за откупеното винско грозје на секој производител на винско грозје, винарницата или трговецот на винско грозје да ја изврши на три рати, од кои првата рата во висина од најмалку 20 % најдоцна до 15 декември во годината кога е извршен откупот, втората рата во висина од најмалку 40 % најдоцна до 15 февруари наредната година од годината кога е извршен откупот и третата рата со преостанатиот износ најдоцна до 30 април наредната година од годината кога е извршен откупот.

Оваа сезона беше особено тешка за лозарите поради климатските промени, големата суша и проблемите со системите за наводнување. Бараме итна реконструкција на овие системи за да се зачува грозјето.

Националната федерација на фармерите ќе го следи тековниот откуп и ќе излезе со конкретен извештај и со препораки во септември, но истовремено како и досега ќе дава предлози и насоки за измени на закони, стартегии и политики во насока на подобрување на состојбата во лозарството и земјоделството.

Текстот Националната федерација на фармерите за претстојниот откуп на винското грозје: Лозарите се во подобра позиција е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top