Новите газди на кавадаречки „Еуроникел индустри“ на досегашните вработени кои останаа без работа им понудиле договори за вработување со минимални плати. Вработените се жалат дека никој од околу 600 луѓе засега не потпишал нов договор оти сите плати се многу пониски од ланските.
„Засега никој не е согласен со понуденото. Платите се движат од 22.000 до 26.000 денари. Луѓе што се претставуваат како менаџери на фабриката отворено ни кажуваат -ако не потпишете ќе увеземе работници од Косовио, тие ќе бидат задоволни. Само за споредба, платите во фабриката лани почнуваа од 29.000-30.000 илјади па нагоре“, се пожали вработен во „Еуроникел“.
Игор Ѓерасов, претседател на Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството на Македонија (СИЕР) потврди дека понудените плати се ниски, и дека на вработените им се врши притисок да ги потпишат.
„ Точно е дека има луѓе кои притискаат вработените да ги потпишат договорите оти во спротивно ќе донесат работници од ‘Фероникели’ од Косово, која исто така не работи. Никој досега не потпиша таков договор. Ние како Синдикат ќе бараме повисоки плати за сите вработени. Нашето барање е платите да бидат околу 40.000 илјади денари, колку што бил просекот во фабриката минатата година додека се работеше“, вели претседателот на Синдикатот, Ѓерасов за „Макфакс“.
Синдикални претставници и некои од вработените денес очекуваат средба со новите сопственици на фабриката на која ќе разговараат за платите.
Поради ненаплатени побарувања, Комерцијална банка ја презема фабриката „Еуроникел“ и на крајот на март, годинава, ја продаде на друштва основани до холандската холдинг-компанија „Полиникел холдинг БВ“, која е дел од групацијата „Јилдирим“.
Новите сопственици, веднаш откога ја купија фабриката, на Синдикатот му најавија дека на сите вработени ќе им дадат можност да се вратат на работа во рок од 90 дена и дека со производство планираат да почнат во јуни.
Претседателот на Синдикатот, Ѓерасов, сега вели дека тие рокови не е возможно да се испочитуваат оти се уште не се потпишани договорите, а производството, доколку успеат да ги склучат договорите, најрано би почнало во септември.
Фарук Беќири, кого вработените во „Еуроникел“ го посочуваат како нов директор на фабриката, не одговори на прашањата од „Макфакс“ за притисоците врз вработените и понудените минимални плати.
Од околу 600 вработени, во фабриката останаа да работат 120 работници потребни за одржување на печката, но и тие велат дека не би потпишале да работат за понудената плата.
На почетокот на февруари годинава беше отворена стечајна постапка за „Еуроникел“ во која вработените имаат побарувања од 2,1 милион евра за неисплатени плати.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој беше вклучен во преговорите за последната продажба на фабриката, најави дека по завршување на стечајната постапка ќе поднесе кривични пријави против раководството на „Еуроникел индустри“ кое минатата година ја доведе фабриката до стечај.
Текстот Новиот газда на „Еуроникел“ на вработените им нуди минимални плати: Ако не потпишете ќе увеземе работници од Косово е превземен од МАКФАКС.