Промовирана Швајцарската комора на Република Северна Македонија – СвисЧам МК

Промовирана Швајцарската комора на Република Северна Македонија – СвисЧам МК

пред 3 часа

Денеска во Скопје беше промовирана Швајцарската комора на Република Северна Македонија – СвисЧам МК, како нова платформа за унапредување на економската соработка, инвестициите и деловното вмрежување меѓу двете држави.

Настанот беше поддржан од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а свое поздравно обраќање имаше заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски.

Во своето обраќање, заменик министерот, Димитровски истакна дека СвисЧам МК ќе претставува значаен мост меѓу компаниите од двете земји, платформа која ќе овозможи подобра комуникација, размена на информации, поддршка за нови деловни иницијативи и развој на заеднички проекти.

„Убеден сум дека преку ваквата институционална рамка ќе се зајакне економската соработка и ќе се поттикне создавање на нови деловни партнерства. Владата, а особено Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, остануваат целосно посветени на поддршката на иницијативи кои ја зајакнуваат економската дипломатија и ја унапредуваат меѓународната економска соработка. Соработката меѓу јавниот и приватниот сектор е од суштинско значење за создавање стабилна и конкурентна економија и за отворање нови перспективи за нашите компании“, нагласи Димитровски.

Во рамки на настанот, беше истакнато дека Швајцарија е долгогодишен и исклучително важен партнер на Северна Македонија, со успешно развиена соработка во повеќе области, вклучително економијата, инвестициите, развојната соработка, образованието и иновациите.

Особено беше нагласена континуираната поддршка што Швајцарија ја дава во процесите на реформи, зајакнувањето на институциите и унапредувањето на економската конкурентност на земјата.

Воедно, Швајцарија се вбројува меѓу најзначајните билатерални партнери и активно придонесува во бројни регионални и меѓународни програми, поддржувајќи ги реформите поврзани со европската интеграција.

Поздравни обраќања имаа и швајцарскиот амбасадор во земјава, Н.Е. Кристоф Зомер, кој истакна дека Комората ќе придонесе за дополнително зајакнување на економското партнерство и долгорочната соработка меѓу двете земји, како и претседателката на Комората,  Соња Стефановска.

Стефановска нагласи дека вистинската вредност на ова партнерство се темели на јасни принципи, посочувајќи дека СвисЧам МК ќе биде мост на доверба меѓу луѓето, бизнисите и институциите, преку градење партнерства засновани на квалитет, прецизност, интегритет и транспарентност.

Текстот Промовирана Швајцарската комора на Република Северна Македонија – СвисЧам МК е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top