Владата и премиерот Зоран Заев продолжуваат со вистинска грижа и поддршка за земјоделството како клучна стопанска гранка, потенцираат од СДСМ.
Oд владеачката партија информираат дека досега преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплатени се над 512,5 милиони денари на 23.524 субјекти.
„Се работи за исплата на директни плаќања по обработлива земјоделска површина за сите поледелски култури освен тутунот, и за оваа мерка исплатени се 411,5 милиони денари. Во текот на 2020 и 2021 година се доделија 540 договори за набавка на нови трактори, со што 540 земјоделци ќе добијат можност да ја обноват својата механизација за подобра обработка на нивните посеви и за оваа цел одвоени се 206 милиони денари“, информираат од СДСМ.
Од таму додаваат дека и во време на криза не изостанува поддршката за земјоделците и агросекторот од ИПАРД програмата.
„Во текот на 2020 година и почетокот на тековната 2021, потпишани се 507 ИПАРД договори за инвестиции вредни 1.35 милијарда денари. Во период од 15 месеци кога беше отежнато работењето и функционирањето на институциите се склучија договори и партнерски однос со над 1280 субјекти за нови инвестиции вредни 30 милиони евра. Поддршката е реална и неселективна и е достапна до секој земјоделец “, велат од владеачката СДСМ.