Славески на средби со ММФ:  Народната банка води претпазлива и конзистентна политика

Славески на средби со ММФ: Народната банка води претпазлива и конзистентна политика

пред 2 часа

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ во рамките на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон. На средбите присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Гувернерот Славески се сретна со заменик-директорот на ММФ Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер, извршниот директор Јерун Клик и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили.

На средбите се разговараше за најновите светски и домашни макроекономски случувања, при што беше нагласено дека зголемените геополитички тензии, вклучително и конфликтот на Блискиот Исток, придонесуваат за засилена неизвесност во светската економија и влијаат врз изгледите за раст.

„Во однос на домашната економија, беше оценето дека досегашните трендови се поволни, а добрите политики овозможија да се задржи стабилноста на макроекономските основи. Сепак, со оглед на неизвесноста околу времетраењето и силината на превирањата во светот, се истакнува потребата од понатамошна внимателност и подготвеност за соодветна реакција“, соопштија од Народната банка.

Гувернерот Славески истакнал дека Народната банка води претпазлива и конзистентна монетарна политика, насочена кон одржување на ценовната и финансиската стабилност.

„Притоа, тој нагласи дека Народната банка внимателно ги следи светските движења и нивното влијание врз домашните показатели, заради навремена и соодветна реакција преку расположливите инструменти. На состаноците се разгледа и новата монетарна рамка на Народната банка, со која се овозможува поефикасно и пофлексибилно водење на монетарната политика, што е особено важно во услови на ненадејни и неповолни промени во економското окружување. Беше потврдена и постојаната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ, којашто и во наредниот период ќе биде насочена кон понатамошно зајакнување на институционалните капацитети и усогласување со меѓународните стандарди“, се наведува во соопштението.

.

Текстот Славески на средби со ММФ: Народната банка води претпазлива и конзистентна политика е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top