Корисниците на електрична енергија од првиот блок кои имаат најмала потрошувачка од први јануари ќе плаќаат поевтина струја, цената на струјата за корисниците од вториот блок останува иста, а поскапува струјата за корисниците од третиот и од четвртиот блок. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски ги соопшти нивите цени на струјата за домаќинства.
„Цената на струјата од 1 јануари се намалува за прв блок за 5,16%, втор блок и евтина се исти, трет блок се зголемува за 2,88% и четврт блок се зголемува за 1,86%. Доколку не се воведеше надоместок за пристап кон мрежа, цената на прв блок ќе се зголемеше за 3,4 %, втор блок се зголемува за 8,62%, трет блок за 9,46%, четврт блок за 4,92% и евтината тарифа за 15,42%“, вели Бислимовски.
Со новиот концепт пристап кон мрежа, Бислимовски смета дека е напраева фер распределба на трошокот за мрежа меѓу редовните корисници и оние потрошувачи кои повремено ги користат објектите, а мрежарината се намалува за скоро 23 %.
АД МЕПСО, Електродистрибуција и МЕМО побараа од Регулаторната комисија струјата од 1 јануари да поскапи 27 %, но можноста за толкаво поскапување, претседателот Бислимовски ја исклучи кусо време по добивањето на барањата со најава дека ќе се анализираат пресметките.
Пред две недели министерот за економија Крешник Бектеши уверуваше дека струјата нема да поскапи од 1 јануари оти барањата за поскапување од 27 % најверојатно нема да бидат прифатени. За корисниците од првиот и вториот блок рече дека не очекува промена во сметките, но можни измени најави кај оние кои се поголеми потрошувачи.
Текстот Струјата од први јануари ќе поевтини за првиот блок за 5,16 отсто, за вториот останува иста, а за третиот и четвртиот блок поскапува за 2,88% и 1,86% е превземен од МАКФАКС.