Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска, на прес-конференција, за 2 април најави протест, кој ќе почне пред седиштето на ССМ и ќе заврши пред Врховниот суд.
„Работниците и граѓаните имаат избор и немаат повеќе изговор да не учествуваат на ниеден од протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија. На 2 април се организира протест, кој ќе почне пред зградата на Работничкиот дом и ќе заврши пред Врховниот суд. Да им покажеме на судиите дека треба да се охрабрат, правото и правдата мора да победат и дека треба што е можно побргу да донесат нова пресуда, со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците, на оние што го граделе“, рече Трендафилов.
ССМ пред еден месец достави до Основниот граѓанскиот суд Скопје предлог за повторување на постапката врз основа на, како што кажаа, нови докази.
„Во вторник ќе ги охрабриме да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом од работниците и за доделување на државата. На државата не ѝ треба уште една зграда, ѝ требаат работници, ѝ требаат синдикати“, рече претседателот на ССМ.
На 8 април Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита организира протест од пред зградата на ССМ и ќе заврши пред Министерството за здравство, каде што ќе кажат дека не се задоволни од претстојното усогласување на платите.
„Одредени сектори, како дејноста здравство, нема да добијат усогласување на платите со порастот на минималната плата. Нема да добијат ниту во дејноста образование ниту во полицијата и неколку други дејности. Повеќе од 20 илјади работници во здравството остануваат без никакво усогласување на платата со порастот на минималната“, рече Трендафилов.
ССМ и оваа година на 1 мај излегува на улица.
„Ќе им кажат на сите оние што претендираат да ја водат државата што бараат и што очекуваат од нив. Жалосно е да не ги слушнат работниците, а и работниците да не ја искористат можноста јасно и гласно да им кажат на претендентите што сакаат да седнат во пратеничките клупи и во владините фотелји што треба да направат за нив во наредниот период. Очекувањата се 450 евра најмалку минимална плата во првите сто дена од новата влада со политичка одлука за измена на законот, други измени, ќе се врати храната, ќе се врати превозот за работниците и ќе се извади надвор од бруто-платата неправдата што се направи во 2009 година, а работниците ќе добијат дополнителни финансиски средства“, додаде тој.
Текстот Трендафилов најави неколку протести: Во вторник ќе ги охрабриме судиите да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом е превземен од МАКФАКС.