УЈП: Нема нови даночни обврски за студентите, ниту оданочување на веќе оданочени суми

УЈП: Нема нови даночни обврски за студентите, ниту оданочување на веќе оданочени суми

пред 2 часа

Управата за јавни приходи (УЈП) соопшти дека не воведува нови даночни обврски за студентите, ниту пак бара оданочување на веќе оданочени суми, реагирајќи на објавите во дел од медиумите дека студентите се „на удар“ поради летна работа во Германија.

Од УЈП појаснуваат дека нивните активности се насочени кон воспоставување ред во оданочувањето и еднаква примена на законските правила, а не кон присилно спроведување или наметнување нови обврски.

„УЈП не наметнува нови обврски, ниту бара исполнување на обврски кои не се законски регулирани“, се наведува во соопштението.

Институцијата посочува дека во изминатиот период објавила повеќе појаснувачки материјали за доход остварен во странство, како и дека двапати испратила персонализирани известувања до граѓаните кои во 2025 година работеле во странство, со цел навремено да бидат информирани за своите законски обврски.

Во оваа категорија спаѓаат и студентите кои оствариле доход преку краткотрајна работа во странство.

Од УЈП нагласуваат дека не може да има двојно оданочување на ист доход и дека меѓународните договори точно утврдуваат во која држава се плаќа данокот. Сепак, секој даночен резидент на државата има обврска да го пријави доходот остварен во странство.

Според Законот за данокот на личен доход, македонски даночен резидент е лице кое има постојано живеалиште во земјава или престојува повеќе од 183 дена во период од 12 месеци.

За студентите кои работеле во Германија пократко од 183 дена, УЈП наведува дека тие се сметаат за македонски даночни резиденти и имаат обврска: да го пријават доходот преку системот е-даночни услуги, да поднесат електронска пресметка најдоцна до 10-ти во месецот за доходот од претходниот месец.

За овој доход, согласно законските одредби и договорот за одбегнување двојно оданочување со Германија, данокот се плаќа во Македонија.

По одобрување на пресметката од УЈП, даночниот обврзник добива налог за плаќање, а данокот треба да се уплати најдоцна до 15-ти во месецот.

Од УЈП дополнуваат дека според достапните информации, данокот задржан во Германија на доходот на студентите им бил вратен од германската даночна администрација, поради што овој доход (бруто износ) е предмет на оданочување во Македонија.

Институцијата апелира граѓаните, особено младите, да ги разбираат и навремено да ги исполнуваат своите обврски, со цел градење општество засновано на еднакви правила и правична даночна распределба.

Текстот УЈП: Нема нови даночни обврски за студентите, ниту оданочување на веќе оданочени суми е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top