Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува засилени контроли во пресрет на новогодишните и божиќните празници, со особено внимание на ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други угостителски објекти.
Пред контролите, УЈП реализирала околу 3.500 советодавни посети, овозможувајќи време за отстранување на најчестите неправилности кај фискалните уреди, како што се несоодветна адреса, оштетени пломби или недостасување на налепница од сервисер. Дополнително, инспекторите проверувале и неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење на книгата на дневни финансиски извештаи.
„Истовремено, УЈП спроведе детални анализи на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ пријавите. Резултатите покажуваат ризично однесување кај некои субјекти кои особено ќе бидат таргетирани за контрола: низок или идентичен регистриран дневен промет, отстапки на регистрираниот промет од капацитетот на локалот, разлика меѓу прометот во фискалните каси и пријавениот во ДДВ-пријавите и др.“, информираат од Управата за јавни приходи.
До крајот на ноември УЈП извршила околу 4.000 контроли. Изречени биле околу 2.500 глоби, а запечатени над 100 локали.
„Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка – појава што значи неевидентиран промет, загуби за буџетот и нелојална конкуренција. Казнетите обврзници добија персонализирани повици за корекција на пријавите и пријавување на прометот. Доколку не постапат, следуваат дополнителни контроли со индиректни методи“, велат од УЈП.
Текстот УЈП: Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка е превземен од МАКФАКС.





