Царовска: Во дијалог со компаниите создаваме кадри барани на пазарот на трудот

пред 4 години

Министерството за образование и наука со воведени стипенидии за технички струки и со променета уписна политика го поттикнува создавањето на стручни профили коишто се потребни на пазарот на труд. Исто така, од јануари до март следната година, МОН заедно со Стопанската комора и со сите локални чинители ќе води социо – економски дијалог за потребите на реалниот сектор, за да се донесе одлука кои профили во која општина или средно училиште ќе се верификуваат, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во панел дискусијата на тема: „Следни чекори – Поголема вклученост на приватниот сектор во формалното и неформалното стручно обрaзование и обука, со фокус на практичната обука“, што денеска се одржа во Стопанската комора на Северна Македонија.

Министерката истакна дека МОН веќе работи на воспоставување на нов концепт на средното стручно образование преку создавање на три регионални центри за средно стручно образование.

„Активно работиме на воспоставување на три регионални центри за средно стручно образование и обука во Куманово, Тетово и Охрид. Нашата тенденција ќе биде вакви ВЕТ центри да отвориме во сите региони во државата. ВЕТ центрите кои се воспоставуваат со поддршка на Европската делегација и со инвестиција од МОН и техничка и друг вид поддршка во делот на организација и верификување на профили и опрема, од Швајцарската развојна агенција, треба да почнат да служат како ресурсни центри во регионот не само да верификуваат кадри, туку истите тие профили да имаат влез во компаниите и компаниите да се вклучат во обука “, рече Царовска.

Царовска истакна дека сега имаме стручни училишта кои продуцираат кадар што не e потребен на пазарот на труд.

„Од оваа година ја променивме и политиката на стипендирање. Досега државата воопшто не стипендираше средни технички училишта. За прв пат воведовме можност да ги стипендираме учениците од техничките училишта и гледаме дека не се навикнати да аплицираат. Понатаму и уписната политика ќе ја поврземе со стипендирањето и ќе имаме подобри резултати“, рече Царовска.

Министерката нагласи дека во моментот низ државата функционираат голем број на верификувани средни училишта со различни профили.

„Тие се опремени со кабинети, со инвестиција од МОН во последните три години“, рече Царовска.

Министерката напомена дека на кус рок, компаниите можат самите да доквалификуваат или преквалификуваат работници, преку мерката на Агенцијата за вработување со којашто можат да отворат тренинг центри.
Во панел дискусијата учествуваа и Сибил Сутер Техада, амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија,Курт Витрих, тим лидер на Проектот [email protected]мк Билјана Пеева-Ѓуриќ, в.д. Извршен директор на Стопанската комора на Македонија.

Share
Scroll to Top