Со Предлог-буџетот за следната 2027 година се планира намалување на дефицитот од 46,264 милијарди денари на 45 милијарди денари. Ова е важен сигнал Владата не се откажува од фискална дисциплина, но истовремено не го прави тоа на сметка на граѓаните, пензионерите, здравството или инвестициите. Туку напротив, се предвидуваат повеќе за клучните јавни потреби, а истовремено се преземаат чекори за постепено намалување на буџетскиот јаз, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Јамалов на денешната собраниска седница за Предлог-буџетот за 2027 година.
Јамалов додаде дека тоj пристап кој ја препознава реалноста, ги зема предвид обврските на државата и создава нови, одржливи јавни финансии.
„Социјалната сигурност и здравството остануваат меѓу најважните приоритети. Особено значајно е што за пензиите се предвидени 123,818 милијарди денари, односно 5,660 милијарди денари повеќе во споредба со рамката за 2026 година. За здравствената заштита се планирани 58,703 милијарди денари, што претставува зголемување од 2,818 милијарди денари“, истакна Јамалов.
Тој додаде дека овие бројки имаат конкретно значење за граѓаните, затоа што зад нив стојат пензионери кои очекуваат сигурност и достоинствен живот, пациенти кои очекуваат достапна здравствена услуга и семејства кои очекуваат функционален здравствен систем и токму затоа вложувањето во пензискиот и здравствениот систем, според него, не треба да се гледа само како расходна стапка, туку како инвестиција во сигурноста на граѓаните.
„Особено позитивно ја очекувам зголемената поддршка за активните мерки за вработување. Средствата за овие мерки се зголемуваат од 2,380 милијарди денари на 2,875 милијарди денари, односно за 495 милијарди денари повеќе или околу 20,8%. Ова е значаен чекор во насока на создавање нови можности за невработените лица, особено за младите. Нашата цел не треба да биде само финансиска помош за граѓаните, туку создавање услови тие да стекнат вештини, да се вклучат на пазарот на трудот, да започнат сопствен бизнис и да обезбедуваат сопствен доход“, рече Јамалов.
Капиталните инвестиции се еден од клучните двигатели на економскиот развој и токму затоа, додаде Јамалов, со буџетот за 2027 година за капитални расходи предвидени се скоро 41 милијарда денари.
„Предвидени се 40,822 милијарди денари капитални расходи. Овие средства треба да се претворат во конкретни проекти, во патишта и железничка инфраструктура, во образовни објекти, водоводни и канализациски системи, енергетски капацитети и подобри услови за живот и работа. Затоа, важно е да нагласиме дека капиталните инвестиции не се само изградба на инфраструктура. Тие значат подобра поврзаност на општините, полесен пристап до услуги, подобри услови за стопанството, нови инвестиции и нови работни места“, потенцираше пратеникот Јамалов.
Текстот Јамалов: Со Буџетот за следната година се планира намалување на дефицитот од 46,264 милијарди денари на 45 милијарди денари е превземен од МАКФАКС.


