Вкупно 400 компании ќе добијат 17,2 милиони евра финансиска поддршка, соопшти премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција во Владата.
„Целта е модернизација на процесите, а со тоа и подобрување на конкурентноста и можностите за извоз што ќе придонесе со отворање на нови работни места и задржување на постојните“, рече Заев.
Според Заев, секоја инвестициона активност е од значајност за земјата и опорувањето на економијата.
„Им симнувам капа на сите домашни претприемачи кои и во услови на ковид стартуваа свои проекти и сакаат дополнително да инвестираат. Еве вашата земја е тука да помогне“, рече тој.
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека домашните компании сега се третираат еднакво како и странските и тие добиваат поддршка од државата.
„Имавме над 700 апликации, од кои комисијата ги одобри 400 компании. Оваа помош што Владата ја дава за зголемување на инвестициите ќе внесе дополнителни инвестиции од 89,2 милиони евра согласно сите инвестициони планови“, рече Бектеши.