Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор

Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор

пред 2 часа

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.

На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.

Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.

„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.

На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.

Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.

Текстот Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top