Вработените во државната администрација и денеска ќе ја прекинат работата два часа, од 10 до 12 часот, во знак на протест поради платите.
Од Синдикатот на УПОЗ во кој членуваат работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани истакнаа дека 95 проценти од институциите исплатиле плата под минималецот од 18.000 денари, а другите 5 проценти или не исплатиле или исплатиле плата со грешки. Од синдикатот бараат исплата на минимална плата за сите и усогласување со минималецот за останатите вработени – односно повисоки плати за 2.806 денари.
Оттука велат дека само вработените во управата и правосудството земаат плата под минималната, што го зголемува незадоволство. Најавија дека протестот ќе трае сè додека надлежните не ги повикаат на преговори со цел да се договорот за исплата на минималецот и усогласување и на останатите плати со него.
Протест имаше и вчера, при што околу 13.000 вработени во државната администрација во земјава не работеа два часа, туку протестираа пред институциите. Се протестираше и пред судовите.
„За време на штрајкот, приемното одделение, шалтерите за прием на барања за потврди и уверенија и судските писарници фукционираат со дежурни службеници, целосно функционира одделот за претхoдна постапка и се одржуваа сите притворски и итни предмети со цел доследно почитување на правата на странките во постапката и граѓаните кои имаат какви било побарувања и достави до судот. За сите расправи од предмети кои не се итни и не се притворски – странките, кои претходно не беа известени за нови термини, ќе продолжат со расправите по 12:00 часот или ќе се насорчат други термини за главна расправа“, истакнаа вчера од кривичниот суд.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека не е добро прво да се најави протест, а потоа да се преговара под притисок.
Тој рече дека платите треба да се зголемат, но не наеднаш оти може да предизвика инфлација.
Покрај вработените во администрацијата, вчера протестираа и матичните лекари. Протест од следната недела најавија и вработените во образованието и во пошта.