Ангел Анѓушев: За успех на странските пазари не е доволна само добра цена, туку и висок квалитет

Ангел Анѓушев: За успех на странските пазари не е доволна само добра цена, туку и висок квалитет

пред 14 минути

За да бидат конкурентни на меѓународните пазари, македонските компании мора да понудат многу повеќе од добра цена. Квалитетот, современата технологија, стручниот кадар и ефикасното производство се предуслови за успешен извоз. Ова го истакна Ангел Анѓушев, оперативен директор на „Грин Машинс“ и член на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија, на панел-дискусијата „Извоз без граници – поттикнување на растот во машинската и електроиндустријата“, одржана во рамките на „Енерготехнома 2026“.
Говорејќи за предизвиците со кои се соочува македонската индустрија, Анѓушев посочи дека растот на трошоците за работна сила, променливите цени на енергијата и суровините, како и проблемите во синџирите за снабдување, бараат компаниите постојано да ја подобруваат својата ефикасност.
„Ефикасното користење на ресурсите и контролата на производствените трошоци се клучни за нашата конкурентност на меѓународните пазари. Но, за воопшто да дојдеме до факторот цена, претходно мора да ги исполниме сите потребни процеси и стандарди“, истакна Анѓушев.

Тој го посочи примерот на „БРАКО“, каде што соработката со големите меѓународни индустриски партнери започнува со детална проверка на производствените капацитети, знаењето и стручноста на инженерскиот кадар. Следуваат изработка на прототипови, тестирања и проверки на квалитетот, а дури потоа се отвора прашањето за цената и сериското производство.

„Да се помине таква проверка бара голем труд и инвестиции, но уште поважно е постигнатиот квалитет да се одржува во секојдневното производство, со години нанапред“, нагласи тој.
Осврнувајќи се на возилата за чистење „Грин Машинс“, кои се произведуваат во фабриката „БРАКО“, Анѓушев објасни дека при развојот на комуналните возила особено внимание се посветува на луѓето што секојдневно ги користат. Покрај перформансите и цената, важни се удобноста на операторот, едноставноста на управувањето и лесното одржување.

„Нашите машини не се продаваат преку каталог, туку преку демонстрации, каде што корисникот може лично да се увери во нивните перформанси и комфор“, посочи Анѓушев.

Како важен фактор за конкурентноста ја истакна и енергетската ефикасност. Користењето сопствена електрична енергија од фотоволтаици и нејзиното складирање во батериски системи, според него, им овозможува на компаниите подобро да ги контролираат трошоците, а истовремено да го намалуваат влијанието врз животната средина.

Анѓушев се осврна и на недостигот од стручен кадар, нагласувајќи дека без квалификувани луѓе, инвестициите во современи машини и производствени капацитети не можат да го дадат посакуваниот резултат. Затоа, како особено важна ја посочи соработката меѓу универзитетите и индустријата.

Во однос на институционалната поддршка, тој ги издвои подобрувањето на транспортната инфраструктура, долгорочната енергетска стратегија и поедноставувањето на царинските постапки, особено при увозот на компоненти за производство.

Неговата порака беше дека напредокот започнува од самите компании – од нивната подготвеност да преземат одговорност, да вложуваат во знаење и технологии и постојано да ги подобруваат своите производствени процеси.

Текстот Ангел Анѓушев: За успех на странските пазари не е доволна само добра цена, туку и висок квалитет е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top