Божиновска: Енергетските реформи влегуваат во забрзана фаза, имаме план и сигурност

Божиновска: Енергетските реформи влегуваат во забрзана фаза, имаме план и сигурност

пред 2 часа

Со фокус на забрзување на енергетските реформи и координацијата со меѓународните партнери, во свечената сала на Владата денес се одржа состанок на Секторската работна група за енергетика, организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. На настанот присуствуваа клучните институции од енергетскиот сектор, донаторската заедница, меѓународните финансиски институции и развојни партнери.

Фокусот беше ставен на размена на искуства, донаторска координација, разгледување на реализираните активности и утврдување на приоритетите за следниот циклус на реформи.

Во рамки на состанокот беа презентирани активностите поврзани со усогласување со европското законодавство, внатрешниот енергетски пазар, спроведувањето на Реформската агенда и напредокот во подготовката на Националниот енергетски и климатски план (NECP).

МЕПСО, ЕСМ и МЕМO информираа за развојот на проектите во своите области, вклучувајќи го market coupling процесот, подобрувањето на безбедноста на снабдувањето, модернизацијата на преносната мрежа и истражувањето и иновациите во соработка со академската заедница.

Министерката Сања Божиновска испрати порака за насоката во која се движи секторот, нагласувајќи дека периодот на одложувања и импровизации е завршен.

„Градиме енергетски систем што нуди стабилност, доверба и одржливост. Новиот Закон за енергетика, инвестициите во обновливи извори и активната соработка со меѓународните партнери се клучни алатки со кои ги забрзуваме реформите и ја подготвуваме земјата за енергетската иднина,“ истакна министерката Божиновска.

Таа додаде дека во тек се подготовки за серија нови инвестиции во соларни и ветерни капацитети, модернизација на мрежната инфраструктура, како и дигитализација на процеси кои се клучни за транспарентност и ефикасност.

Министерството презентираше детали за постигнатите резултати во изминатиот период, меѓу кои: започнати инвестиции во сончеви и ветерни капацитети во соработка со KfW, ЕБОР и ЕИБ; старт на критични инфраструктурни проекти, како интерконекторoт со Грција и забрзување на процесите за интерконекторот со Србија; подготовка на национален план за реконструкција на јавните згради со фокус на енергетска ефикасност; напредок во процесите за праведна транзиција со конкретни чекори на терен.

„Секој киловат што нема да го потрошиме вреди исто колку киловат што ќе го произведеме“, нагласи Божиновска.

Министерството ги претстави главните приоритети за наредниот период: финализирање на законите; продолжување на инвестициската динамика во обновливи извори и мрежи; дигитализација на процеси; унапредување на енергетската ефикасност; развој на интерконекциите; засилено следење и исполнување на роковите.

„Имаме работа која не трпи одложувања. Мора да работиме брзо и фокусирано за да имаме стабилен, модерен и поврзан енергетски систем што ќе донесе бенефит и за економијата и за државата и за граѓаните“, заклучи министерката.

Учесниците го поздравија напредокот и ја нагласија потребата од понатамошна координација во реализирањето на заедничките цели: интегриран енергетски пазар, повисока ефикасност, енергетска безбедност и континуирано вклучување на нови технологии и иновации.

Текстот Божиновска: Енергетските реформи влегуваат во забрзана фаза, имаме план и сигурност е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top