Три паметни инфо и промо центри (ПИПЦ) во вредност од 6,4 милиони денари се опремени во рамки на Полошкиот плански регион со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, кои ќе овозможат во иднина полесен пристап до информации и развој на туризмот во овој регион, зголемување на вработувањата како и инвестициите, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
„Воспоставувањето на трите нови, вмрежени ПИП Центри се готови и ќе бидат во функција во Гостивар, Маврово и Попова Шапка, кои што ќе работат и нудат услуги засновани на централна дигитална платформа, базирана на стандардизирани работни процеси и ефективно ќе собира податоци за однесувањето и преференциите на туристите, трансформирајќи ги во информации и знаење за ефикасно опслужување на туристите“, појасни Милевски.
Според него најуспешен начин за подобрување на туристичката понуда е директна, лице-в-лице комуникација со туристите. Ова би се постигнало преку вкрстување на расположливите податоци и информации од сите канали на комуникација, како и преку дигитална платформа која овозможува размена на податоци во реално време за посетителите на туристичкото место. Проектот директно засега околу 176 илјади граѓани од овој регион.
„Како дел од проектот беше изградба и опремување на три ПИП Центри кои се поврзуваат со Дигитална платформа, која би била ажурирана со најнови релевантни податоци за туристички, авантуристички, угостителски, хотелски, музејски и сличен вид податоци, придружени со маркетинг и промотивни материјал и достапни во Центрите, како и обуки за опслужување, односи и комуникација на службениците кои ќе бидат вработени во центрите“, рече Милевски.
Тој предвидува дека со овој проект ќе се зголеми бројот на инвестиции преку стартап иницијативи за околу 6 проценти од вкупната туристичка понуда, зголемување на вработувањата во регионот за 1-2 проценти во првите 18 месеци, како и зголемување на бројот на туристи до 12 проценти.