Димитриеска-Кочоска на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели при ОЕЦД

Димитриеска-Кочоска на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели при ОЕЦД

пред 4 недели

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествува на Пленарен состанок на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели што се одржува од денеска до 29 ноември во Парагвај, а кој е посветен на глобалната имплементација на меѓународните стандарди за даночна транспарентност и напредок на земјите, како и на предизвиците со кои се соочуваат земјите при имплементација на стандардите. Министерката учествува на Форумот во придружба на државниот секретар во МФ Андриана Матлиоска.

Министерката Димитриеска-Кочоска на панел-дискусија ќе се осврне на приоритетите, искуството и предизвиците во имплементација на Стандардот за автоматска размена на информации (AEOI) којшто е клучна алатка за јурисдикциите, односно државите, во борбата против даночното затајување и заштита на интегритетот на нивните даночни системи.

На состанокот, Секретаријатот на Глобалниот форум ќе ја претстави поддршката што е дадена на членовите во процесот на имплементација на стандардите. Глобалниот форум го сочинуват над 170 јурисдикции, кои ги вклучуваат земјите од групата Г-20, финансиските центри, а повеќето од членките се земји во развој. Сите членки работат заедно, на исто рамниште, во борбата против офшор даночна евазија.

Најважна задача на Глобалниот форум е развој на капацитетите со цел поддршка и овозможување брза и ефективна имплементација на стандардите за транспарентност и размена на информации од страна на сите членки, особено земјите во развој.

Имено, РС Македонија е во процес на имплементација на стандардите за автоматска размена на информации. Стандардот AEOI се однесува на годишна размена на информации за финансиските сметки на нерезиденти во однапред дефиниран формат, а тие разменети информациивклучуваат детали за финансиската сметка (на пример, финансиската институција што ја одржува, бројот на сметката и состојбата на сметката) и детали за сопственикот на сметката (на пр., неговото име, адресата, датумот на раѓање и идентификацискиот број на даночниот обврзник).

Спроведувањето на Стандардот AEOI бара јурисдикциите да ги прибираат информациите од нивните финансиски институции секоја година и автоматски да ги разменуваат со јурисдикциите каде што имателот на сметката е даночен резидент. За успешна размена на информациите потребна е и законодавно-правна и административна инфраструктура.

Во фаза на подготовка е Предлог-закон за административна соработка, со кој, меѓу другото, ќе се пропишат одредби за автоматска размена на информации за финансиски сметки и за автоматска размена на информации за извештаи по земја. Со Законот ќе се утврди конкретна правна рамка којашто ќе придонесе кон зајакнување на соработката меѓу даночните администрации, a оттаму и борба против прекуграничната даночна евазија и даночното затајување, зголемување на наплатата на даноците, како и зајакната борба против корупцијата и перењето пари.

РС Македонија е членка на Глобалниот форум за транспареност и размена на информации за даночни цели при ОЕЦД од јануари 2011 година.

Текстот Димитриеска-Кочоска на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели при ОЕЦД е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top