Речиси 22 години по воведувањето на еврото, во оптек се уште 12,2 милијарди германски марки кои граѓаните не ги замениле за евро, објави Централната банка на Германија.
„На крајот на ноември во оптек сè уште имаше 12,2 милијарди монети и банкноти од германски марки, односно 6,24 милијарди евра“, изјави директорот на германската централна банка Буркхард Балц во интервју за агенцијата dpa.
Тој рече дека само годинава за евра се заменети 53 милиони марки. „Сметаме на тоа дека и следната година ќе има масовна размена на марки во евра. Зачуден сум од фактот што и во третата деценија по воведувањето на еврото, колку многу марки се уште не го пронашле својот пат до Централната банка“, рече Балц.
Тој смета дека одредено количество марки никогаш нема да се заменат за евра бидејќи ќе останат во збирките на нумизматичарите. Во оптек сè уште има банкноти во вредност од 5,7 милијарди марки и монети во вредност од 6,6 милијарди марки.
Балц смета дека голем дел од марките кои се уште не се вратени во Централната банка на Германија се наоѓаат во странство.
„Германската марка сè уште е најпосакувана резервна валута ширум светот“, рече Балц. Досегашните истражувања покажаа дека многу германски марки се наоѓаат во земјите од каде најмногу доаѓаат странски работници во Германија, како Турција и земјите од поранешна Југославија.
Германија е една од шесте земји на Европската унија каде што нема временско ограничување за размена на старата валута за евро.
Текстот Еврото беше воведено пред 22 години, но 12,2 милијарди германски марки се уште се во оптек е превземен од МАКФАКС.