Заев: Стартува реализацијата на најголемиот капитален проект во преносната енергетска мрежа

пред 3 години

Започна изградбата на капиталниот проект кој е од големо стратешко и енергетско значење, новата 400/110 киловолтната трансформаторска станица, во близина на Охрид, што во пракса значи реализацијата и на 400 киловолтниот далекувод за поврзување на електропреносните системи на Северна Македонија и на Албанија, изјави премиерот Зоран Заев.

Тој истакна дека со оваа инвестиција во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток-запад што значи транзит на струја од Бугарија, преку Северна Македонија и Албанија до Италија.

„Инвестицијата за овој капитален проект е од огромно регионално значење и изнесува 50 милиони евра. Станува збор за најголемата инвестиција во преносната електроенергетска мрежа во земјава, која согласно предвидената динамика на работа се очекува да биде завршена во 2023 година. Изградбата на 400 киловолтниот интерконективен далекувод Битола – Елбасан, значи и комплетирање на енергетскиот Коридорот 8, кој е составен сегмент од еден многу поголем и исклучително значаен проект што вклучува експлоатација на енергетските ресурси од кавкаскиот регион и од Централна Азија кон земјите од Западен Балкан и Италија. Република Северна Македонија има пет интерконекции на 400 киловолтно напонско ниво. Две врски со Грција и по една со Србија, Косово и Бугарија. Со поврзувањето на електропреносните системи на Северна Македонија и Албанија, го заокружуваме процесот на поврзување на нашата земја со електропреносните системи на сите соседни земји. Нашата држава има клучна улога во регионалното енергетско поврзување и оттука оваа инвестиција е од огромно значење како за нас така и за целиот регион“, рече Заев.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, реече дека изградбата на интерконективниот далековод ќе ја подобри сигурноста во снабдување со електрична енергија и ќе биде новиот автопат за пренос на електрична енергија кој ќе овозможи пристап на сите економски оператори до енергенси и конкурентност на цени.

Share
Scroll to Top