И со намалени цени минималната кошничка за јануари е поголема за 391 денар, за преживување на четворица се потребни 62.861 денар

И со намалени цени минималната кошничка за јануари е поголема за 391 денар, за преживување на четворица се потребни 62.861 денар

пред 21 час

Вредноста на минималната синдикална кошничка која ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за јануари изнесува 63.252 денари или во сооднос со вредноста на синдикалната минимална кошничка за декември која изнесуваше 62.861 денар е зголемена за 391 денар, сооопшти денес претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.

Делот за храна и пијалаци, место да бележи намалување за најмалку 10 проценти, како што ветуваа трговците, бележи зголемување за 123 денари.

„Загрижува  тоа што од почетокот на минатата година, до оваа година или за 12 месеци вредноста на синдикалната минимална кошничка во делот на храната и пијалаците е зголемен за 10,43 % . За граѓаните со последното ненамалување на цените од страна на овие алчни трговци, произлегува дека е зголемен за најмалку 20 % , имајќи предвид дека зголемувањето од 10 % и ненанамалувањето од 10 % ако ги соберете, посиромашни сме за најмалку 20 %“, рече Трендафилов.

За една година минималната потрошувачка кошничка се зголемила за 6.989 денари, односно скокнала 10,65 %, факт кој Трендафилов вели дека ќе оневозможи инфлацијата во земјава да биде 3,5 %  имајќи предвид дека синдикалната кошничка ги предвидува само најнеопходните производи со кои едно четиричлено семејство може да го протурка месецот.

Синдикатот го утврди она за што граѓаните алармираа – трговците ги зголемија за 20 % цените кога немаше мерки, за потоа фиктивно да ги намалат кога почна мерката. За откривање на ваквите случаи Трендафилов вели дека подготвуваат сериозни чекори.

„Како ССМ размислуваме да преземеме сериозни чекори во насока на тоа укажеме на граѓаните што е добро а што е лошо. Имајќи предвид дека сите ние знаеме дека во изминативе неколку месеци овие трговци се покажаа како далеку лош пример за македонската економија, особено ако знаеме дека минатата година имаа енормни профити и енормни добивки, а оваа година ССМ ќе се погрижи да ги извади сите завршни сметки на овие големи трговски маркети и синџри на маркети за да видат како тие неоправдано се богатат на грбот на граѓаните и на работниците“, најави Трендафилов.

Трговците, по чии критериуми беше креирана последната мерка за намалување на цените за најмалку 10 % , Трендафилов смета дека ја прелажале Владата двапати повеќе отколку што ги прелажаа граѓаните. Тој апелира Владата, доколку навистина сака да им помогне на граѓаните, да креира мерки без да информира за тоа и без да прави консултации со трговците.

Текстот И со намалени цени минималната кошничка за јануари е поголема за 391 денар, за преживување на четворица се потребни 62.861 денар е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top