Студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја започнаа студентската практикантска настава во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.Веќе се распределени по сектори и започнаа со практична работа во рамки на Министерството и органите во негов состав.
Министерката Сања Божиновска денес ги посети младите практиканти на нивните работни позиции, при што лично се запозна со нивните ангажмани, задачите што им се доделени и областите во кои се вклучени.
„Гордост е да се види енергијата и мотивацијата што овие млади луѓе ја носат со себе. Веќе од првиот ден, тие не се тука само како набљудувачи – туку активно се вклучени во конкретни процеси, подготвуваат материјали, истражуваат и дискутираат. Ова е таа нова генерација која сакаме да ја задржиме во земјата и да ѝ дадеме можност да се развива тука – во институциите каде што се градат јавните политики,“ изјави министерката Божиновска.
Во разговорот со студентите, министерката упати порака на поддршка и охрабрување: „Потребни ни се луѓе што разбираат технологија, енергетика и современи предизвици. Но уште повеќе ни се потребни луѓе што сакаат да направат разлика. Вие сте тука не само за да учите, туку и да донесете нова перспектива. Ќе ве поддржиме во секој чекор.“
Студентите се распределени според нивната стручна насоченост во одделенијата за енергетика, обновливи извори, енергетска ефикасност, минерални суровини, стратешко планирање и дигитализација. Со нив работат ментори од редовите на администрацијата, со цел да добијат реален увид во функционирањето на институцијата и активна улога во тековните задачи.
Програмата се реализира врз основа на Меморандумот за соработка меѓу Министерството и ФЕИТ, како дел од заложбата за поддршка на млади инженери и нивно вклучување во развојот на енергетските политики. Министерството најавува продолжување и проширување на оваа програма и во иднина, со цел создавање континуитет во градење на домашен стручeн кадар и обезбедување генерации експерти подготвени да ја водат енергетската транзиција.
Текстот „Идни инженери на своите први работни задачи во Министерството за енергетика“, Божиновска ги посети студентите на нивните практикантски позиции е превземен од МАКФАКС.