Именувани тројца нови членови на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, меѓу кои и Антонио Аргир

пред 3 години

На вчерашниот прв состанок на Надзорниот одбор на НЛБ д.д Љубљана годинава, членовите се фокусираа на имплементација на стратегијата на НЛБ Групацијата и статусот на вклучување на факторите за управување со еколошките и социјални аспекти во деловниот модел на НЛБ Групацијата. На седницата, Надзорниот одбор назначи и тројца нови членови на Управниот одбор, со што истиот се прошири на вкупно шест члена. За нови членови на Управниот одбор на НЛБ д.д именувани се: Хедвика Усеник, Антонио Аргир и Андреј Ласиќ. Сите доаѓаат од НЛБ д.д или НЛБ Групацијата, имаат долгогодишно искуство и се веќе докажани во својата работа.

НЛБ Групацијата од неодамна порасна и стана клучен играч на дури седум пазари во Југоисточна Европа, со успешното купување на Комерцијална банка Белград во декември 2020 година.

Овој раст продолжува со активно барање нови можности за органски раст или проширување преку спојувања и аквизиции. Исто така, стратегијата на Групацијата се фокусира на интензивна дигитализација и корисничко искуство со врвен квалитет, како и посветеност кон одржливо работење и развој. Сето ова бара и ќе бара и во иднина уште посеопфатно, координирано и ефикасно управување, како на одделните деловни сегменти, така и на Групацијата во целина, но и искористување на сите синергии во рамките на Групацијата.

Управниот одбор на Банката, надополнет со три нови членови е соодветно подготвен за овој предизвик и претставува најдобра комбинација на разновидни знаења, искуства и компетенции. Петгодишниот мандат на новите членови ќе започне откако ќе добијат согласност од Централната банка на Словенија, а дотогаш ќе продолжат да ги извршуваат функциите – извршни помошници на Управниот одбор.

Примож Карпе, претседателот на Надзорниот одбор истакна: „Надзорниот одбор беше свесен од потребата да се комплетира Управниот одбор на Банката доколку сакаме и во иднина добро да управуваме со Групацијата, да продолжиме успешно да работиме и да ги исполниме стратешките заложби дадени кон засегнатите страни, првенствено кон нашите клиенти, акционерите и кон вработените. Драго ми е што ги најдовме вистинските луѓе во Групацијата кои ќе продолжат успешно да ја водат како eден тим и во иднина. Ова е секако многу комплексна задача во високо конкурентна и променлива средина, но ние сме убедени дека тие ќе одговорат на задачата“.

Блаж Бродњак, извршниот директор потенцира: „Со сите тројца колеги многу добро се познаваме, долги години работевме и дишевме заедно, а ги знаат и нашите клиенти, нашите партнери и целиот тим на вработени во НЛБ Групацијата. Убеден сум дека тие се најдобриот избор и со гордост, радост и доверба кон нив го очекувам нивното приклучување кон Управниот одбор на НЛБ д.д“.

На состанокот, членовите на Надзорниот одбор исто така го забележаа напредокот во стратегијата на НЛБ Групацијата и заклучија дека таа е на пат да стане регионален шампион и клучен двигател на одржливиот развој.

Кои се тројцата новоименувани членови на Управниот одбор на НЛБ д.д Љубљана?

Во моментов сите тројца се извршни помошници на Управниот одбор на НЛБ д.д: Хедвика Усеник, за работа со население и приватно банкарство; Антонио Аргир, за НЛБ Групацијата и Андреј Ласиќ, за корпоративно и инвестициско банкарство.

Хедвика Усеник е искусен банкарски професионалец со над 20 години искуство во меѓународни банкарски Групации. Кариерата ја започнува во 1996 година како истражувач на Институтот за економски истражувања, а во 2001 година се приклучува на UniCredit Банка Словенија, кадешто има различни менаџерски позиции во сегментот на работа со население и корпоративно банкарство. Од 2014 година, до нејзиното доаѓање во НЛБ во 2018 година, таа е одговорна за Секторот за работа со население и е член на Управниот одбор во банката. Од 2020 година, таа е извршен помошник на Управниот одбор на НЛБ за работа со население и приватно банкарство, одговорна за деловната мрежа на банката, НЛБ Контакт центарот и управување со продажба и развој. Освен работа со население, нејзините клучни области на експертиза вклучуваат корпоративно банкарство, финансирање на трговија и извоз, управување со сегменти, производи и канали и дигитална трансформација. Таа е претседателка на Надзорниот одбор на НЛБ Склади и член на Надзорниот одбор на НЛБ Банка Бања Лука. Таа е и член на Комитетот за одржливост на НЛБ Групацијата.

Антонио Аргир целата своја кариера ја гради во НЛБ Банка Скопје. Во банката се вработува во 1999 година како кредитен референт за корпоративни клиенти, долгорочни и инвестициски заеми, а подоцна поминува неколку години во Деловна мрежа како координатор, раководител на експозитура и директор на Секторот Деловна мрежа. Во 2015 година станува член, а половина година подоцна и претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје. Тој се приклучи на раководството на НЛБ во Љубљана на 1 јануари 2022 година, а кормилото на НЛБ Банка Скопје му го предаде на Бранко Грегановиќ. Аргир беше член на Македонската банкарска асоцијација, а од 2018 година ја извршуваше функцијата потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија. Под раководство на Антонио Аргир, НЛБ Банка Скопје забележа исклучителен раст во сите сегменти од своето работење и значително зголемување на профитабилноста на Банката, а цената на акцијата на НЛБ Банка Скопје се зголеми за пет пати. Денес, НЛБ Банка Скопје е угледна и стабилна финансиска институција и лидер во иновациите и дигитализацијата на банкарските производи и услуги на пазарот.

Андреј Ласиќ, пред да дојде во НЛБ, ја започнал својата кариера во SKB, Société Générale Group во 1997 година, каде што бил извршен директор за големи корисници и институционални инвеститори. Тој се приклучува на НЛБ во 2013 година, како извршен директор за клучни клиенти. Како извршен помошник на Управниот одбор за корпоративно и инвестициско банкарство тој го покрива сегментот мали и средни претпријатија и клучни клиенти, финансирање на трговија и инвестициско банкарство, старателски услуги и меѓународно финансирање. Тој е претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Белград, член на Управниот одбор на НЛБ Банка Сараево, член на Надзорниот одбор на НЛБ Лиз&Го и член на Комитетот за одржливост на НЛБ Групацијата. Тој е и претседател на Одборот на претпријатија при Здружението на банки на Словенија и член на уредничкиот одбор на словенечкото банкарско списание.

За НЛБ Групацијата

НЛБ Групацијата е водечка банкарска и финансиска групација во Југоисточна Европа. Покрај НЛБ д.д., НЛБ Групацијата се состои од седум банки-ќерки, лизинг компанија, друштво за управување со фондови, управување со недвижен имот и неколку останати компании. НЛБ д.д. е друштво чии акции котираат на Љубљанската берза, а глобалните сертификати за депозит на Лондонската берза. НЛБ Групацијата е институција од системско значење, со повеќе од 10% пазарен удел на сите пазари, една од првите топ три пазарни позиции во земјите каде е присутна и вкупна актива од повеќе од 21 милијарда евра, а банките членки на Групацијата се важни даватели на финансиски услуги на пазарите во ЈИЕ и лидери во различни бизнис-сегменти. Во третиот квартал од 2021, НЛБ Групацијата оствари 205,5 милиони евра добивка по оданочување, 100,9 милиони евра или 96% повисока, споредено со истиот период минатата година.

Во 2021, Групацијата направи важни чекори кон постигнување на своите стратешки цели на три главни полиња: традиционално банкарство- работа со население и корпоративно банкарство, каде што се во тек повеќекратни иницијативи за дигитализација за да се овозможат побрзи и поефикасни услуги на клиентите; надградба на внатрешните процеси во насока на зајакнување на капацитетите на вработените преку употребата на податоци и технолошки платформи, и имплементација на одржливост.

Во 2021 година, НЛБ најмногу се фокусираше на подобрување во управувањето со ризиците поврзани со климатските промени и животната средина. Исто така беше поставена и рамката за одржливост на НЛБ Групацијата која вклучува и анализа на влијанието, што резултираше во три основни области на влијание за Групацијата: клима, ефикасно и безбедно користење на ресурсите и конечно, избалансиран и инклузивен економски и социјален систем. Овие области, заедно со континуираниот развој на политиките за управување со животна средина и социјални аспекти и интеграцијата на факторите на управување со животна средина и социјални аспекти, остануваат фокус и во 2022 година.

(ПР-текст)

Share
Scroll to Top