„Инвестициите во енергетиката се клучниот двигател за економскиот и општествениот развој на државата. Владата на ВМРО-ДПМНЕ инвестира во енергетиката, во домашното производство на енергија и во современа и одржлива енергетска инфраструктура“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со цел Македонија да стане енергетска раскрсница на Балканот секојдневно се работи на нови инвестиции во енергетиката. Се потпиша моморандумот со компанијата „Казанџи груп“ којашто е светски гигант во енергетиката. „Казанџи Холдинг“, е водечка турска компанија со преку 25 години искуство, оперира со инсталиран капацитет од над 3,500 MW во осум држави и е активна во 22 земји на четири континенти.
Во Македонија „Казанџи груп“ ќе инвестира 1 милијарда евра за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500 MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво.
Проектот опфаќа три главни компоненти, развој на нови капацитети за производство на електрична енергија, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас и мерки за зголемување на сигурноста во снабдувањето со гас.
Овој проект ќе даде допринос во сигурноста и безбедноста на електродистрибутивниот систем и ќе ја зајакне енергетската стабилност на државата. Со овие инвестиции ја намалуваме зависноста од увоз и влијанието на надворешните фактори. Дополнително со реализација на вакви проекти се отвораат нови работни места и нови можности за соработка на компаниите.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ посветено работи на привлекување на нови странски инвестиции со цел Македонија да стане стратешки енергетски центар на Балканот“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Текстот „’Казанџи груп’ ќе инвестира 1 милијарда евра во Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.